Во Тирана е потпишан меморандум за соработка меѓу две македонски здруженија од регионот, со цел зајакнување на врските и унапредување на положбата на македонските заедници во Албанија и Црна Гора.
Станува збор за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана и Македонското здружение „Вардар-МКД“ од Подгорица, кои на 2 април 2026 година формализираа партнерство насочено кон заедничка промоција на македонското малцинство на национално и меѓународно ниво.
Меморандумот, во име на „Илинден“, го потпиша претседателот Никола Ѓурѓај, додека од страна на „Вардар-МКД“ потписник беше потпретседателот, адвокат Никола Ангеловски.
Со овој документ, двете организации се обврзуваат на интензивна соработка преку размена на искуства и информации, како и преку заедничко реализирање на проекти кои ќе придонесат за зачувување и промоција на македонскиот јазик, култура и историја.
Покрај тоа, предвидена е и заедничка активност во областа на научните, културно-уметничките, спортските и хуманитарните иницијативи, со цел афирмација на македонската заедница во двете земји.
Поддршка за оваа иницијатива даде и Светскиот Македонски Конгрес, кој ја поздрави соработката и изрази очекување дека заедничките активности ќе придонесат за заштита и унапредување на македонскиот етнички, јазичен, културен и историски идентитет.
Овој чекор се оценува како значаен придонес кон поврзувањето на македонските заедници во регионот и јакнењето на нивната меѓусебна соработка.



