Во раните утрински часови избувнал пожар во гаража во селото Батинци, при што целосно изгореле три патнички возила, а едно лице се здобило со повреди при интервенцијата.
Како што информираат од СВР Скопје, случајот бил пријавен околу 03:50 часот. Огнот зафатил „ауди“, „фолксваген голф 7“ и „фолксваген голф 8“, сите со скопски регистарски ознаки и во сопственост на две правни лица од Скопје.
На терен интервенирала Бригада за противпожарна заштита Скопје, која успеала да го локализира и изгасне пожарот. При гаснењето, 48-годишен жител на Батинци се здобил со повреда и му била укажана медицинска помош.
Полицијата извршила увид на местото на настанот, а во тек се мерки за утврдување на причините за пожарот и расчистување на околностите.


