Париз, 28 март 2024 (МИА) – Француските власти соопштија денеска дека повеќе странски земји ќе испратат свои војници кои ќе се грижат за безбедноста за време на Олимписките игри (ОИ) во Париз, откако земјата домаќин беше ставена на највисоко ниво на тревога за можни напади
„Неколку странски земји, вклучително и Полска, ќе испратат војници за да помогнат во обезбедувањето на Олимписките игри во Париз ова лето“, изјави францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну.
Станува збор за вообичаена практика во рамки на која офицери на француската жандармерија беа ангажирани за безбедноста за време на Светското првенство во фудбал во Катар.
Полскиот министер за одбрана најави дека неговата земја ќе испрати воено засилување во Париз за Олимпијадата, без да го прецизира бројот.
„Во Париз ќе бидат испратени оперативни сили од нашата војска, вклучително и кучиња. Главната цел е да се вклучиме во операции за откривање експлозиви и борба против тероризмот“, објави Владислав Косињак-Камиш на социјалната мрежа Икс.
Според министерот Лекорну, ќе бидат мобилизирани 18.000 француски војници, вклучувајќи и 3.000 пилоти кои ќе бидат ангажирани во воздушниот надзор.
Од Емил Гашевски Извор: МИА