Во организација на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј” во Штутгарт, на 24 мај 2025 година, сабота, ќе се богослужи литургија, а во црковната сала на црквата вечерта во 19:00 часот ќе се одржи Македонска забава со групата “Молика”.
Црковниот одбор на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј” во Штутгарт ги информира Македонците и верниците во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, дека после 40 години црквување, понудена ни е можноста за откуп на храмот во кој сега ги вршиме богослужбите, како решение, Македонците после 40 години да добијат своја црква во Штутгарт.
Поради ова, црковниот одбор на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј” во Штутгарт апелира до сите добронамерници, Македонци и верници во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да донираат за откуп на храмот во кој сега служиме.
– Почитувани браќа и сестри, благодарејќи му на Бога за сите добрини, не ја пропуштаме можноста и овојпат да му се заблагодариме што ги услиша нашите молитви после 40 години да имаме наш храм. Имено, црквата во која служиме ни е понудена да ја купиме и со тоа да имаме наш МАКЕДОНСКИ ХРАМ во Штутгарт посветен на светите браќа Кирил и Методиј. Неизмерна радост за сите нас православни Македонци од целиот свет и голема можност сите ние со скромна помош да оставиме белег во купувањето на оваа Црква. Нека засветли едно големо светило МАКЕДОНСКА ЦРКВА во градот ШТУТГАРТ, и нека сведочи за постоењето на еден верен народ Македонски, со света Православна вера. Јас вашиот парохиски свештеник, заедно со Црковниот одбор, Ве повикуваме, колку сте во можност да ни помогнете во остварување на овој вековен сон, – се вели во објавата на парохискиот свештеник и црковниот одбор на Македонската православна црковна општина “Свети Кирил и Методиј” во Штутгарт.
Секој според можностите може да донира на Македонската забава што ќе се одржи на 24 мај годинава, а во секое време може да се уплатат донации на следната банкарска сметка: Mazedonisch-Orth. kirchliche Gemeinde St. Kiril u. Metodij, BIC: SOLADEST600, IBAN: DE40 6005 0101 0001 1806 99.
Благодарни на разбирањето и донациите. На 24 мај Ве оечкуваме!