Пред да ни се отворат, возљубени мои, светите двери на Великата и Страсна седмица; пред да Го пресретнеме Спасителот на светот со палмови гранчиња на Цветници; пред да Го видиме биен, плукан, понижен и распнат – се случува едно највеличествено и спасоносно чудо: Господ Исус Христос го воскреснува Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена беше во гробот, чиешто тело беше обвиено од смрдеата на смртта, почнато да се распаѓа. Со ова воскревање од мртвите на Својот пријател, пред самото предворје на страданието, Господ ни го најавува Своето славно Воскресение и ни ја предвестува конечната победа над смртта.
И токму пред тие страшни и свети настани што ќе се случат за спасението на светот, човештвото се соочува со најголемата тајна – дека Самиот Бог, Синот и Словото на Отецот, дојде како човек, не за да биде воздигнат во слава човечка, туку за да го вознесе човекот кон Својата божествена слава, преку Своето страдание. Оваа тајна, возљубени, ги збуни дури и апостолите коишто беа со Него и како претставници на целиот човечки род, стоеја неми и запрепастени пред таа беспримерна љубов. Како да го разбере човекот тоа, дека Оној Кој им заповедаше на ветровите и на морето и тие го слушаа; Кој со еден збор ги отвораше очите на слепите, ги исцелуваше глувите и очистуваше лепрозните, сега стои беспомошен на Крстот? Како да се разбере тоа, дека Оној Кој ги воскреснуваше мртвите, сега Самиот е предаден на смртта?
На Велика Среда ќе си спомнеме за тоа страшно предавство, од еден од Неговите, од еден што јадеше од Неговата трпеза. А останатите, кога Го видоа Христа смирен и понижен, кога Го видоа биен и плукан, останаа крајно збунети, се поколебаа. Зашто, човечкиот ум не може да го разбере ова: Бог, Творецот на небото и на земјата, на сета видлива и невидлива твар, на сите законитости и таинства во природниот и духовниот свет – станува човек и притоа ги зема врз Себе целиот срам, болката и сета омраза на светот, и тоа само заради нас.
Па и денес, возљубени – се прашувам – дали навистина го разбираме тоа? Дали срцата наши имаат доволно чувство за овие Божји величија? Дали духот наш ја согледува таа најголема Тајна? И затоа, знаејќи ја човечката немоќ, Господ го направи чудото со Својот пријател Лазар. Знаеме, тој четири дена бил во гробот, веќе длабоко зафатен од силите на распаѓањето, затворен со камен, одлачен од животот. И отиде Господ до гробот и го повика. Евангелистот Јован нагласува дека Христос извика со висок глас – глас не како на човек, туку глас Божествен, воскреснувачки, глас што одекнува низ вечноста: Лазаре, излези надвор! (Јован 11,43)
Но, пред да го изговори тој глас на животот, Исус просолзи (Јован 11,35). Бог заплака пред смртта. Не затоа што не знаеше што ќе направи, туку затоа што смртта – таа противприродна сила што навлезе во Неговото најмило создание – е нешто што Он не можеше да го поднесе. Смртта е туѓа на Бога. Смртта не е Божја творба. Следствено, со Своите солзи и со извикувањето на Лазара од гробот, Христос како да ни вели на сите: „Јас не ја создадов смртта. Јас не ја посакав разделбата. Јас ве создадов за општење со Мене, за вечност“. Смртта влезе преку падот, преку откажувањето од љубовта. А Јас – вели Господ – дојдов за да ве вратам во љубовта, во животот, во светлината.
Не заборавајте, кога го создавал човекот, Бог се советуваше Сам со Себе во предвечниот Совет на Светата Троица: Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие како што сме Ние (Битие 1,26). Не го кажа тоа за ниту едно друго создание. За никој друг не заседаваше Вечниот Совет. Само за тебе, за мене, за човекот. Толку беше ценет и љубен човекот, што Оној Кој го создаде, Самиот посака да стане човек, Несоздадениот да стане создание, да ја земе на Себе нашата природа, да ги прими нашите солзи, нашата болка, нашата смрт…
Го направи, значи, тоа чудо со Лазара, за да ги охрабри Своите ученици, кои ќе Го видат наскоро распнат. И не само нив, туку и сите нас, кои во деновиве што следат ќе застанеме пред Крстот. Оти, Крстот не е немоќ. Тој е моќ на љубовта. Тој е Божјата победа преку страдање. И воскресението на Лазар го навестува токму тоа: дека Оној Кој висеше на Крстот е Истиот Кој има власт и над смртта.
Но за да нè избави Господ од смртта, потребно е најнапред да се отстрани оној камен кој ја затвора вратата на нашето срце. Оној духовен камен кој го покрива живиот извор на душата. А тоа, возљубени, е нечувствителноста. Таа страшна, невидлива, тешка нечувствителност, што полека, нечујно, но сигурно нè покрива. И тоа не само луѓето во светот, туку, да бидеме искрени, и нас тука в манастир. Дури и ние кои сме се затвориле во манастирските ѕидови, кои сме дошле да Му служиме на Избавителот од смртта – и нас понекогаш нè опфаќа тоа мртвило. Нечувствителноста е како гроб што оди. Понекогаш се претвораме во тивки, уредни, но внатрешно пусти гробови. Молчи устата, но срцето не трепери. Има надворешна форма, но нема внатрешен оган. И затоа е неопходна слободната волја. Да посакаме. Да покопнееме. Да кажеме „да“, како Богородица. Да Му се предадеме на Оној Кој сака да нè воскресне, да нè оживее, да ја разотвори таа камена плоча од нашето срце. Зашто, Он не сака да ја тргне со сила. Он не е насилник врз човекот. Он ја чека нашата слободна желба, нашето „дојди во срцето мое, Господи“. Он сака да нè направи светлина, да нè направи Свои ученици. Он сака да го направи тоа чудо и со нас. Но бара од нас едно мало движење на волјата, само едно „да, дојди, Господи“, со трепет, со глад по Него.
Господ плаче, не поради Својата немоќ, туку поради нашата бесчувствителност. Поради нашата духовна рамнодушност, којашто лесно се претвора во безверие. И најтрагичното е што таа нечувствителност навидум не изгледа страшно. Таа не вика, не удира, не усмртува веднаш. Таа тивко го гасне срцето. Потајум ја отстранува болката за Бога, гладта за молитва, солзата за другиот. Господ ја гледа таа бесчувствителност и плаче, како што просолзи и пред гробот на Лазар. Оти, Он сака ние да посакаме. Да го повикаме. Да Го примиме. Да го сакаме тоа чудо – чудото на духовното воскресение. Он сака да нè направи не просто Свои следбеници, туку деца на светлината. Деца живи, на живиот Бог.
Секогаш кога се чита овој канон – дозволете ми да споделам со вас нешто лично – каде и да сум бил во текот на денот, што и да се случувало, дури и ако сум работел, ако сум исповедал до самиот крај на денот, јас сакам да присуствувам на овој канон. Сакам да ги слушам тие величествени, сѐ-оживотворувачки зборови на Господа Христа, како со глас полн со сила и љубов Он повикува: „Лазаре, излези надвор!“ Секојпат ова длабоко ме потресува. Не се тоа само некакви човечки чувства, не се тоа само сетила, сентимент – тоа е мојата душа којашто ја чувствува таа заповед на Воскресителот, и целата трепери, воскреснува. Сакам пак и одново да го слушам тој глас: „Лазаре, излези надвор!“ И тоа се однесува на секого од нас лично: „Партениј, излези надвор!“ „Доситеј, излези надвор!“ „Кирил, излези надвор!“… Каде? Надвор од нашата бесчувствителност. Надвор од внатрешниот гроб во кој полека и несвесно нѐ затвора сопствениот грев. Оти гревот е тој што го копа гробот на душата. Гревот е тој што ја подготвува темнината на одвојувањето од Животот. Но Христос, возљубени, не нѐ остава таму. Он вика. Он повикува. Он нѐ воздигнува. Христос е Оној Кој го отвора гробот и го отстранува каменот од душата.
И токму затоа Он го сотвори чудото со Лазар – пред да започне страданието, пред да се случи најголемото безумие на светот: Синот Божји да биде напуштен, да биде предаден, да биде понижен и распнат. Еден од најблиските да Го предаде. Тоа е и причината зошто постиме секоја среда – не од обичај, туку за спомен. Да не бидеме и ние предавници, туку вљубеници Христови. Да не нè снајде она предавство во кое се губи личноста, се губи светлината, се губи човекот.
Сега, Црквата, како грижлива Мајка, нè повикува да влеземе во тајната на нашето спасение. Нè воведува, не со зборови, туку со празник. Со таинство. Со молитва. Со пост. Со богослужение. Богослуженијата на Православната Црква се најубавото нешто што може да го вкуси човекот на земјата. Тоа не е нешто што ние го тврдиме од гордост, туку тоа и светот го признава. Тоа го чувствува секоја душа што длабоко гледа и слуша. Ние сме богати, не со материјално богатство, туку со литургиско предание. Со небесна светлина. Преку тие богослуженија, Црквата нè учи да гледаме со внатрешниот поглед, да созерцуваме, да си спомнуваме – не само историски, туку духовно, суштински, со учество – на сѐ што се случи заради нас и нашето спасение. Таа внатрешна тишина што извира во Светата и Страдална седмица, ја раѓа во нас воскресенската радост.
И накрај, возљубени, да влеземе тивко и молитвено во триумфот на Воскресението. Цел пост се трудевме, се подвизувавме, паѓавме и станувавме, Го баравме Господа со солзи и воздишки. Но, со Воскресението, дали сè треба да престане? Дали подвигот запира тука, заедно со постот? Не. Воскресението не е крај. Воскресението е почеток. Почеток на подлабокиот подвиг, на преобразбата, на новиот човек, на животот во светлина.
Сега Христос Воскреснатиот нè повикува да Го носиме Него во себе, да станеме Негов одраз во овој свет. Воскресението нè обврзува да бидеме посветли, духовно поиздигнати, посилни, подобри. Да го победуваме злото најнапред во себе, оти таму започнува сè. Ако злото згасне во моето срце, тогаш и од светот ќе исчезне барем едно темно ќоше. И ако нашата добрина засветли, тогаш и другите, гледајќи нè, ќе ја посакаат таа светлина. Сите сакаат да бидат љубени. А патот Христов е токму тоа: љубов. Љубов вистинска, чиста, жртвена. Он прв нè прегрна. Он прв го положи животот Свој за нас. И затоа и ние сме повикани да Го прегрнеме секој човек, секое страдање, секој чекор на нашиот ближен, со Христовата љубов.
На сите ви посакувам света и благословена Страсна седмица – не само во надворешниот ред и побожност, туку најмногу во внатрешната тишина на срцето, во смиреното созерцание на Таинството. Оти оваа Седмица е најголемата школа на духовниот живот. Во неа можеме духовно да израснеме и да созрееме повеќе отколку во цела година. Затоа, да Му ги предадеме срцата на Оној Кој има власт да нè преобрази, да нè воскресне, да нè обожи, да нè направи Свои – прекрасни во Него, деца на радоста Божја, деца на светлината невечерна.
Амин
Извор: Бигорски