Пишува Тодор ПЕТРОВ
Во време кога Софија демонстрира агресивна антимакедонска политика кон државата Македонија, зачудува зошто македонските дипломати не се повикуваат на Бледскиот договор во односите со Бугарија, имајќи предвид дека со овој Договор помеѓу Југославија и Бугарија во 1947 година, Бугарија признава постоење на Македонскиот народ и на Македонскиот јазик!
Бледскиот договор, познат и како “Спогодба Тито-Димитров“ е назив за повеќе билатерални договори помеѓу СФР Југославија и НР Бугарија потпишани на 1 август 1947 година во Блед, СР Словенија. Овие договори го означувале обостраното тежнеење и настојување да се продолжат и развиваат нови односи помеѓу двете земји. Договорот бил пример за тоа како во текот на Студената војна е возможна мирољубива и блиска соработка помеѓу држави и народи кои во минатото, па и во последната Втора светска војна биле непријатели.
Бледскиот договор го потпишале бугарскиот лидер Георги Димитров и југословенскиот лидер Јосип Броз – Тито. Бледскиот договор го отворил патот за идно обединување помеѓу државите во нова т.н. Балканска Федеративна Република. Договорот ги укинал визите и дозволил царински сојуз. Договорот го предвидувал и обединувањето на Вардарска Македонија со Пиринска Македонија и враќањето на западните покраини од СР Србија на Бугарија.
Со Бледскиот договор за првпат Бугарија ги признава Македонците и Македонскиот јазик.
Овие договори ги обележуваат меѓусебните аспирации и напори за развој на нови односи помеѓу Југославија и Бугарија. Југославија и Бугарија се согласиле дека владата ќе ја преземе НР Бугарија за да ги осигура правата на Македонците во Пиринска Македонија (Благоевград) во слободен национален, економски и културен развој, и воопшто односите на Бугарија спрема СР Македонија.
Бледскиот договор бил прифатен со Договорот за пријателство, соработка и заемна помош помеѓу Југославија и Народна Република Бугарија, потпишан и објавен во Евксиноград. Договорот содржи неколку точки за економска соработка, за царинско олеснување, подготовка на царинска унија, олеснување на граничните премини, граничен премин на границата на населението и за државјанството на двете земји. Југословенската влада се откажала од $25 милиони долари за воената штета што им ја должела Бугарија за време фашистичката окупација врз Македонија.
Политиките кои произлегле од договорот биле повлечени по расколот меѓу Тито и Сталин во јуни 1948 година, кога Бугарија, подредена на интересите на Советскиот Сојуз, зазела став против Југославија. Кога Информбирото ја организирало кампањата против Југославија, тоа го предизвикало и прекинот со раководството на југословенската комунистичка партија, по што владата на Народна Република Бугарија, на 1 октомври 1949 година, еднострано го раскинала Бледскиот договор за пријателство, соработка и взаемна помош (освен одлуката за опростување на воената оштета).
Неодамна декласифицираниот документ на ЦИА од ноември 1948 година, ги опишува тензиите помеѓу двете земји и изгледите на Македонскиот народ во СР Македонија.
Инаку, по Втората светска војна Бугарија требала да плати 45 милиони долари како репарации за окупацијата врз Македонија и Западна Тракија, на Југославија и Грција.
Југославија ги откажала воените репарации, бидејќи Софија прифатила автономија за Македонците во Пиринскиот дел од Македонија со отворање на улилишта на македонски јазик, библиотеки на македонски јазик, медиуми на македонски јазик…
Денес Софија за окупацијата на Бугарија врз Македонија и Западна Тракија во 1941 година тврди дека тоа било “повторно воспоставување на природните граници на Бугарија“, иако грчките историчари првенствено потсетуваат на злосторствата сторени од Бугарите. Имено, Бугарија депортира околу 11 илјади Евреи од териториите што ги окупира, 7.144 Евреи само од Македонија во концлогорот Треблинка во окупирана Полска.
На 25 ноември 1940 година за време на Втората светска војна, Цар Борис Трети застана на страната на оската Берлин-Рим-Токио, а против Југославија и Грција. Тогаш Бугарија ги окупира Западна Тракија и Македонија. На окупираните територии Софија започна масовна бугаризација: Од Западна Тракија протера 90 илјади Грци, а насели 120 илјади Бугари. Во 1943 година кај Драма од бугарската армија биле убиени околу 2 илјади Грци (Македонци).
Парискиот договор од 1947 година ја третира Бугарија како сојузник на Хитлер и таа беше принудена да плати 45 милиони американски долари како репарации за окупацијата на Македонија и Западна Тракија. Тој долг кон Грција е отплаќан до 1964 година, иако Атина протестирала, сметала дека од бугарската окупација загубила сума која е 33 пати повисока од тогашните севкупни годишни стопански постигнувања на Грција.
Колумната е личен став на авторот.



