Денес на 83 годишна возраст, почина македонскиот истакнат академски сликар и филмски работник од областа на документаристиката, Коле Манев. Како дете Македонец, насилно прогонет од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, целиот свој живот ја носеше и сликаше болката на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Карактеристично за целото творештво и уметничкото дејствување на Коле Манев е нишката на болката и страдањата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија.
Коле Манев е роден на 11 ноември 1941 година во селото Бапчор – Костурско, во Егејскиот дел на Македонија.
Во Скопје го завршил училиштето за применета уметност, а 1960 година го завршил првиот степен на Ликовната академија во Белград. Потоа заминал на студиски престој во Париз, каде повеќепати изложуваше свои дела. Престојувал и во Прага, каде посетувал предавања за анимиран филм.
Коле Манев реализирал повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во земјите од регионот. Во 2012 година изложил 29 слики во новиот мултимедијален центар “Хаус ексклузив”.
Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство.
Во 2006 година, Манев го добива одликувањето на Француското министерство за култура “Почесен витез на уметноста“ што им се доделува на заслужни уметници за ангажман во областа на културата. Една негова слика се наоѓа во фоајето на Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија. Во 2001 година, за време на годишната прослава на Денот на македонската револуционерна борба на 23 октомври, Собранието на Македонија на Манев му ја додели националната награда “23 Октомври“. В0 2021 година е добитник на признанието “Златен објектив” што го доделува Кинотеката на Македонија на истакнати филмски уметници. Во 2023 година го доби признанието за животно дело во стрипот “Љупчо Филипов“.
Коле Манев е сценарист и режисер на долгометражниот документарец “Туглеш” (1977 година), краткиот документарец “Црно во црно” (1984 година), телевизискиот филм – “Мост“ (2006 година) и телевизискиот филм “Еко Скоп” (2022 година), а се занимавал и со документаристика.
Коле Манев беше член на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Светскиот Македонски Конгрес. Коле Манев беше соработник и колумнист на весникот “Нова Македонија” и на дневниот весник “Дневник“. Коле Манев беше претседател на Друштвото на ликовните уметници во Македонија.
Коле Манев беше претседател на Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија одржана во 2018 година, во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН.
И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Коле Манев, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен…
Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес упатуваат искрено сочувство до семејството на Коле Манев и неговите пријатели во Македонија и светот.