- Зошто падна Башар Асад и кои ќе бидат последиците за Сирија и за регионот?
Генерално, се уште ништо не е готово со падот на режимот на Асад во Сирија. Напротив, таму се допрва почнува. Блискиот Исток повторно влегува во турбулентна фаза. Во Сирија големи се шансите да продолжи граѓанската војна, а државата да се претвори во нова „Либија или Сомалија“.
Видете, граѓанската војна во Сирија започна во 2011 година, а во 2020 година како резултат на Астанскиот формат и преговорите помеѓу Русија, Иран и Турција конфликтот во Сирија беше замрзнат. Сирија остана поделена држава. Да не навлегуваме во сириската граѓанска војна, бидејќи тоа е долга тема. Асад контролираше најголем дел од Сирија, исламистите и борците на Демократска Сирија контролираа дел од регионот Идлиб и Алепо, додека Курдите контролираа дел од границата со Турција и границата со Ирак. Нафтените полиња како и минералните богатства, останаа на територијата на Курдите.
Асад продолжи да владее на ист начин како до 2011 година, наместо да спроведе политички, економски, социјални и воени реформи. Државниот апарат тонеше во корупција и непотизам, а како резултат на американските санкции и законот „Цезар“ против Сирија, во Сирија на сцене е хиперинфлација, а просечните месечни плати изнесуваа 25 долари во 2024 година, додека истите во 2011 година изнесувале околу 350 долари. Сириската тајна служба „Мухабарат“ продолжи со апсење на неистомислениците и тортура врз населението. Резултат на сето тоа беше дезинтеграција пред се на армијата и безбедносниот апарат, разложување на државниот апарат, и економски колапс. Енергетскиот сектор и инфраструктурата во Сирија беа на раб на колапс.
Користејќи ја геополитичката ситуација на Блискиот Исток и во светот, зафатеноста на Иран и Хезболах со Израел, Русија со Украина, екстремистите од Идлиб извршија молскавична операција и за 11 дена победоносно влегоа во Дамаск. Сириската армија и безбедносен сектор практично и не пружија отпор. На тој начин заврши владеењето на кланот Асад со Сирија.
- Која е целта на исламистите во Сирија после превземањето на власта?
Фронтот против Асад беше и е составен од разни исламистички и терористички групи, но и демократски групи, меѓу кои постојат различни конфликти и недоразбирања. Се работи за микс на различни групи со различни идеолошки и религиски вредности и погледи на светот. Веќе има информации дека има вооружени престрелки помеѓу разните исламистички групи. Ќе биде тешко да се состави функционална држава од тој микс. „Локомотивата“ на уривањето на режимот на Асад беше ХТШ, познати како поранешна „Ал-Нусра“ со длабоки корени на „Ал Каеда“, признаена како терористичка организација не само во САД и Русија, ЕУ туку и во Турција. Интересно ќе биде како надворешните играчи, светски и регионални сили ќе го решат проблемот со ХТШ, легализирајќи ја како „опозиција што дојде на власт“, или преку воена операција ќе бидат неутрализирани. Целта на ХТШ, како водечка воена сила, ќе биде зацврстување на власта, но и неутрализација на противниците. Повеќе од јесно е дека ИСИС повторно ќе се активира на територијата на Сирија.
- Ќе интервенира ли Иран за да го спаси своето влијание во регионот?
Не, Иран нема да интервенира, бидејќи веќе е предоцна за тоа. Плус, резултатите од претседателските избори во Иран во 2024 година, покажаа што мисли иранскиот народ за религиозните власти во Техеран. После 2020 година односите помеѓу Сирија и Иран се влошуваат. Деновиве беа објавени тајни документи од сириското Министерство за одбрана за тоа како Асад и Сирија, зад грбот на Иран, на Израел му ги предавале иранските воени бази и објекти во Сирија.
За Иран загубата на Сирија е огромен стратешки пораз. Иран ја загуби копнената логистика со Хезболах, излезот на Средоземното море, и можноста за притисок врз Израел од територијата на Сирија. Сето она што макотрпно и дел по дел го градеше Темниот Рицар (Касем Сулејмани) во последните 20 години, како кула од карти се руши после неговата смрт во 2020 година. Почнувајќи од 2005 година, а посебно после 2011 година, Иран во Сирија инвестираше повеќе од 30 милијарди долари. Во изградба на воени бази, фабрики и научни центри за производство на ракети и друго оружје, во економијата на Сирија. Од 2011 година, повеќе од 6 000 иранци загинале во Сирија, борејќи се на страната на Асад против исламистите.
Иран тешко ќе се опорави после стратешките порази во Либан и Сирија. Религиозните власти во Иран ги чекаат тешки времиња особено после изјавите на Трамп насочени кон Иран. Можни се и внатрешни немири во Иран. Не е исклучена варијантата Иран да произведе и тестира атомска бомба, се со цел да има фактор за одвраќање против Израел и САД. Но во тој случај можни се нови енормни санкции против Иран, и прашање е дали Иран може да издржи под такви санкции.
Јас не исклучувам и можност Израел да изврши масовни воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти ширум Иран.
4. Која беше улогата на Турција и на Ердоган во офанзивата на исламистите? Зошто Турција се реши на таков чекор?
Она што се случува во Сирија е реванш на Турција и Ердоган за 2016 и 2020 година. Ердоган деновиве изјави дека на почетокот на годината биле преговори помеѓу Турција и Сирија за нормализирање на односите, и Турција барала од Асад да спроведе политички и економски реформи. Но Асад ги прекинал преговорите.
Пред 6 месеци исламистите им раскажале на турските тајни служби дека планираат офанзива против Асад, и дека сириската армија практично и не постои.
За Турција, северот на Сирија (каде живеат Курдите), и особено градот Алепо, кој што е финансиски и трговски центар на Сирија, имаат големо стратешко значење. Алепо имал големо значење за време на Отоманската Империја. Турција и Ердоган сакаат контрола над овие региони.
- Што значи падот на Асад за Израел? Зошто Израел ја бомбардира Сирија?
Користејќи го падот на режимот на Асад и хаосот од превземањето на власта во Дамаск од страна на исламистите, Израел спроведува вистинск демилитаризација на Сирија на дело. На тој начин, Израел со еден удар го решава проблемот со воениот потенцијал на Сирија за наредните 20 години.
Израел, односно израелските воени воздушни сили деновиве започнаа серија воздушни напади врз воени фабрики, воени складови, научни и истражувачки воени центри, аеродроми, поморски бази и воени објекти ширум Сирија. Извршени се повеќе од 250 воздушни напади и истите продолжуваат.
Целта е уништување на сириското ПВО, авијација, тешкото вооружување, ракетниот арсенал на Сирија, системите за радио-електронско војување и се што е модерно оружје и опрема, и истата да не падне во рацете на исламистите. Израел на воен план ја враќа Сирија на почетокот на 20 век.
Нетанјаху изјави дека” Голанската висорамнина засекогаш ќе остане составен дел на Израел. Падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија е директна последица на нападите на Израел врз Хамас, Хезболах и Иран.” Сосема логична и директна изјава кога е во прашање Израел, на кој што му е гајле за меѓународното право и светскиот мир, почитување на границите и тн и тн. За Израел Израелските национални интереси се пред и над се!
- Каква ќе биде надворешната политика на Трамп на Блискиот Исток? Ќе ги повлече ли Трамп своите војници од Сирија и какви последици може да има за регионот?
Во неколку различни интервјуа и изјави, Трамп изјави дека главен приоритет на САД на Блискиот Исток е да не му се дозволи на Иран да дојде до атомска бомба, како и неутрализирање на иранското влијание. Трамп не исклучува и воена операција, односно заедничка воена операција на САД и Израел против Иран. Воените единици на САД во Сирија се гарант за курдите, плус контрола над нафтените и минералните богатства во Сирија. САД нема да ги повлечат своите војници ниту од Сирија, ниту од Ирак, а напротив, ќе го зголемат своето воено присутство на Блискиот Исток, за зголемување на притисокот кон Иран.
Интервју со Дарко Тодоровски
Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.
Н.Заовска