Денеска православните верници го одбележуваат празникот посветен на Светиот апостол Андреј Првоповикан, еден од најзначајните Христови ученици и првиот меѓу апостолите што Го следел Исус Христос.
Свети Андреј бил син на Јона и брат на апостол Петар, роден во Витсаида и по занимање рибар. Неговиот духовен пат започнал како ученик на свети Јован Крстител, но откако Јован сведочел за Христа со зборовите „Еве го Јагнето Божјо“, Андреј веднаш го напуштил својот учител и тргнал по Исус. Токму тој го довел и својот брат Петар пред Спасителот, поради што Црквата го нарекува Првоповикан.
По слегувањето на Светиот Дух, апостолот Андреј ја добил мисијата да го шири христијанското учење на широки простори. Проповедал во Византија и Тракија, по дунавските области, во земјите околу Црното Море, како и во Русија, каде, според преданието, во Киев забодел крст и прорекол голема христијанска иднина за рускиот народ. Во Византија го поставил свети Стахиј за прв епископ, а насекаде каде што проповедал основал црковни заедници и поставувал свештенослужители.
Својата апостолска мисија ја завршил во Грција, во градот Патра, каде со молитви и чуда придобил многумина за Христовата вера, меѓу кои и блиски на тогашниот намесник Егеат. Разгневен од ширењето на христијанството, Егеат го подложил апостолот на тешки маки и го осудил на распнување.
И додека бил распнат, Свети Андреј им упатувал духовни поуки на верниците собрани околу крстот, одбивајќи да биде симнат. Според преданието, во моментите пред неговата смрт силна небесна светлина го озарила крстот, по што апостолот ја предал својата душа на Бога. Свети Андреј пострадал за верата во 62 година.
Неговите свети мошти подоцна биле пренесени во Цариград, додека главата се наоѓа во Рим, а една од рацете во Москва.


