Планот на Европската комисија за забрана на продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година повторно е под силен притисок. Заедно со Европското удружење на производители на автомобили (ACEA), отворено му се спротивставија и Германија и Италија, две земји чија економија зависи од автомобилската индустрија.
Во писмото до Европската комисија, ACEA предупредува дека прелазот на електрични возила е побавен од очекуваното. Според нивните податоци, за да се исполнат климатските цели, 25 проценти од новите автомобили веќе сега треба да бидат целосно електрични, а учеството е само 16 проценти. Индустријата затоа бара флексибилност, воведување на CO2-неутрални горива како легитимна алтернатива, помали казни за производителите кои не ги достигнуваат целите и можност за стекнување CO2 кредити за возила со пониски емисии.
Како што пренесува Jutarnji.hr, Германија и Италија во заедничкото писмо до Брисел предлагаат ревизија на законодавството за да се избегнат казните. Двете земји бараат да во калкулацијата на емисиите се вклучат и биогорива, како и поголемо внимание на развојот на инфраструктурата за полнење и водород. Тие исто така предупредуваат дека електрификацијата не е единствениот пат кон намалување на емисиите, туку дека треба да се разгледаат и хибридните погонски системи.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, по состанокот со претставниците на индустријата во Берлин, изјави дека ќе “направи се што е потребно за да ја спречи забраната на мотори со внатрешно согорување до 2035 година”, додавајќи дека индустријата треба повеќе време за транзиција. Состанокот опфати и теми како што се опаѓањето на продажбата, кинеската конкуренција, трговските тензиции, губењето на работни места и растот на производствените трошоци, проблеми кои сè повеќе ја оптеретуваат европската автомобилска индустрија.
Европската комисија за сега не попушта, но целта за нулта емисија на нови автомобили и комбиња официјално ќе биде преиспитана до крајот на годината. Исходот би можел да одреди правецот на европската автомобилска индустрија за следната деценија, помеѓу забрзан прелаз на електрични возила и реалистично, постепено напуштање на бензинските и дизелските мотори.