Чеде Филиповски бил роден на 16 ноември 1923 година во Никифорово, како прво дете на Русе и Митра Филиповски кој потоа ги добиваат и Лука, Љубомир, Веселин, Славко, Рафка и Босилка.
„Чеде го родија Митра и Русе Филипоски, а Даме го роди Револуцијата од 1941 година, во окупирана Македонија. Дамета го роди и Мавровското поднебје. Го родија тагите и солзите печалбарски, го роди гордоста на правдољубивоста на планините, го роди гневот на генерациите против постојната сиромаштија, робувањето и експлоатацијата“ ќе напише Владо Малески.
Иако нема наполнето уште 18 години, учествувал во бројни демонстрации во Белград каде се судрува со полицијата. Тоа што уште на најрана возраст помага на татко му, а на 14 години се вработува како ѕидар, придонесува за неговата физичка сила и енергичност. Токму таа енергичност не останува незабележана во тогашните белградски движења.
Во 1941 година се враќа во родното Никифорово каде се вклучува во антифашистичките активности. Тој е еден од организаторите на НОВ во мавровскиот крај, а во 1942 година е избран за раководител на Воениот штаб и секретар на Околискиот комитет на КПМ. По формирање на Мавровско-гостиварскиот партизански одред, станува и заменик политички комесар. Активен член бил и на Македонско-косовската ударна бригада во која бил назначен за заменик-командант. Бил и заменик-командант, а подоцна и командант на 48. македонска дивизија. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, а претходно бил учесник и на Вториот конгрес на Обединетиот сојуз на Антифашистичката младина на Југославија, Акциониот одбор на Народнослободителниот Сојуз на Младината на Македонија и на Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија.
Кога се збори за херојските подвизи на Чеде Филиповски – Даме со кои во целост го заслужи орденот Народен херој на Југославија се мисли и на акцијата која ја раководеше како заменик-командант на бригадата кај селото Извор. Имено на 5 мај 1944 година тие го минираа железничкиот мост, а еден ден подоцна близу селото Подвис беше нападнат воз полн со непријателски сили при што загинале над 250 непријателски војници. Учествувал активно во борбите за ослободување на Охрид, Дебар, Кичево, Дебрца, Гостивар…
Патувајќи со мотор од Скопје кон Струмица, за да ја преземе командата на 48. дивизија, за која беше назначен како командант, загина во сообраќајна несреќа ноќта 29 спрема 30 јуни 1945 година во близина на Радовиш, на 21 годишна возраст. Неговата смрт останува завиена во мистерија.
Како и многу херои од Втората Светска војна, тој денес е заборавен од оние од кој најмалку требаше. Во 2008 година е украдена спомен-бистата од пред спомен-домот во неговото Никифорово – 15 години подоцна се’ уште не е поставена нова. Во 2014 година во Гостивар е откорната неговата биста, а средното општинско училиште во овој град откако со децении го носеше неговото име е преименувано во СОУ Гостивар. Спомен-домот во 2002 година е пренаменет во угостителски објект, а изграден е нов со многу помали димензии. Истиот денеска е целосно заборавен од надлежните и за него се грижи неговиот брат, Александар Филиповски.