Купувањето на автомобил, особено половен, знае да биде многу тежок процес проследен со стрес и нервоза.
Тоа е особено така поради тоа што самите ги немаме дефинирано потребите на самиот старт, но и поради бројните возила кои се увезени со сомнителни спецификации и историја.
ФАЗА 1: ДЕФИНИРАЊЕ НА ПОТРЕБИТЕ
Првиот чекор при купувањето на половен автомобил е потребата од одговор на следните прашања:
1. Колкав буџет имаме за купување?
2. Каков вид на автомобил (хечбек, седан, караван, теренец) сакаме, со колку врати и од кој сегмент?
3. Дали за автомобилот од посакуваниот сегмент имаме доволно простор за паркирање?
4. Дали сакаме да е бензинец или дизелаш или пак можеби на плин?
5. Дали имаме однапред преференции кога е во прашање бојата на автомобилот?
6. Каква се опрема треба да поседува? Автоматска клима, ABS, систем за помош на тргнување на угорнина, воздушни перничиња, екран на допир, Android Auto …
Одговорите на овие шест прашања ќе ни помогнат околу дефинирање на нашите потреби и желби. Оттука овие прашања мораме да си ги одговориме пред да започнеме со процесот на купување, не само на половен туку и на нов одговор. Истите се дел од првата фаза т.е. фаза на припрема за купување.
ФАЗА 2: БАРАЊЕ НА АВТОМОБИЛОТ
Следната фаза се однесува на барање на посакуваниот автомобил. За таа цел тука согласност со буџетот дефинираме дали автомобилот ќе го бараме на домашниот пазар или во сопствена режија ќе увеземе.
Доколку автомобилот го бараме на домашниот пазар тогаш постојат неколку начини за пронаоѓање на идеалниот автомобил.
Прв начин е преку интернет сајтовите за огласување на половни автомобили. Тука ќе најдеме најразлични автомобили, а поради тоа што на фотографиите и магарето е убаво, мораме внимателно да ги гледаме сите детали зумирајќи ги фотографиите. Со ова ќе го намалиме ризикот од безпотребни возења и шетања за разгледување на автомобили кои имаат видливи мани.
Вториот начин е преку посета на плацевите за половни автомобили. Во Македонија речиси и да нема град (па и село) каде што нема плац за половни автомобили увезени од Германија, Италија, но и соседните земји.
Третиот и веројатно најсигурен начин кога е во прашање историјата на автомобилот се автосалоните. Многу автосалони во Македонија покрај продажбата на нови автомобили продаваат и автомобили на старо. Тоа се автомобили кои најчесто се оставени во салонот користејќи ја услугата “Старо за ново” што ја нудат автосалоните.
Токму овие автосалони се идеалото место доколку сакаме да купиме половен автомобил кој претходно бил купен како нов во Македонија и автомобил со релативно мала километража.
Друг, многу ретко користен начин е барање на автомобилот во нашиот комшилук, кај нашите пријатели и роднини. Никогаш не знаеме кои се од нив продава автомобили и кои се спремни да го продадат. Па ако навистина некои од горенаведените поседува автомобил што ни се допаѓа ништо не би изгубиле доколку би им понудиле да им го купиме автомобилот.
Доколку пак автомобилот го бараме во странство, наједноставен начин е да го користиме сајтот mobile.de или пак преку наши роднини и пријатели кои се наоѓаат во Германија, Италија и останатите земји.
ФАЗА 3: РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛОТ
Доколку пронајдеме автомобил користејќи ги гореспоменатите методи, следи постапката на негово разгледување. Најпрво го контактираме сопственикот, а од првиот контакт можеме да дознаеме многу за него. Според едно истражување, доколку сопственикот често го одложува разгледувањето на автомобилот или се однесува непристојно на телефон тогаш пожелно е да го избегнете тој автомобил. Ако се однесува спрема луѓе така исто се однесува и спрема неговиот автомобил.
По договорањето на термин и место за разгледување на автомобилот следи навистина тешка фаза – фаза на евалуација и оценување на автомобилот.
При разгледувањето на автомобилот треба да направите проверка на: моторот, внатрешноста, документацијата, гумите и фелните и надворешноста.
Проверете дали кај мотороти ма протекување на маслото, проверете го и нивото на маслото. При стартување на моторот внимавајте каков чад ќе излезе од издувните отвори, а при тоа неколкукратно туражирајте го моторот. Обоен гас може да е индикација за проблеми со моторот.
Внимавајте и на менувачот и спојката. Почуствувајте ја и слушајте ја мазноста на промената на менувачот и тестирајте ја точката за гризење на спојката.
Направете визуелна проверка и на каросеријата. Проверете ги спојките кај браниците, хаубата, багажникот и вратите. Доколку автомобилот е удрен, а и невешто тоа скриено тогаш кај овие спојки може лесно да се примети тоа. Најчесто истите елементи не се симетрично поставени односно на едниот крај празнината може да е поширока отколку кај другиот.
Проверете ги и гумите. Видете ја нивната оштетеност, а препорака е да се провери визуелно и истрошеноста на плочките.
Во ентериерот проверете дали седиштата се “пропадната”. Многу е важно да проверите дали сите копчиња се функционални. Често кај половните возила одредени копчиња знаат да се заглавуваат или лесно пропаѓаат па оттука покрај функционалноста на истите ќе може да испитате дали командите кои ги праќаат тие функционираат.
Пожелно е пред купувње на автомобилот истиот да го однесете на сервис со цел да направат проверка. Доколку сакате сигурен “лов” тогаш можете да го однесете на два прегледа кај различни авто сервиси. Секако, потребно е да ја проверите и документацијата преку која може да се види сервисната историја на автомобилот.
Никогаш, ама баш никогаш не купувајте автомобил без да повозите неколку километри со цел да проверите дали ви “лежи”.
ФАЗА 4: КУПУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛОТ
Откако дефинитивно ќе се увериме дека тоа е автомобилот кој го посакуваме, а при тоа е во одлична состојба или пак се потребни помали зафати кои се во рамките на буџетот следи процесот на купување на автомобилот.
Многу е важно целата постапка да ја направите преку нотар. Нотарите имаат можност да проверат дали автомобилот е под хипотека или друг товар. Исто така потребно е да се осигурате дека за тој автомобил не се води судска постапка или има изречено некоја сообраќајна казна.
За поголема сигурност плаќањето извршете го преку банка т.е. со префрлање на парите од вашата трансакциона сметка на трансакциона сметка на продавачот или користејќи уплата директно на неговата сметка.
Поради повеќе причини пожелно е да направите и замена на табличките.