Пишува Тодор ПЕТРОВ
Се отепаа да ја зачленат Македонија во НАТО, во спротивност со одлуката на референдумот одржан на 8 септември 1991 година и референдумот одржан на 30 септември 2018 година.
Нели Република Македонија е суверена и самостојна држава, чиј суверенитет е неделив, неотуѓив и непренослив, произлегува од граѓаните и ним им припаѓа, а тие пак власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници и по пат на референдум.
Власта тоа многу елегантно го решила: За неизвршување на судска пресуда постои кривично дело, ама во Кривичниот законик нема кривично дело за неизвршување на одлука на референдум. И затоа власта е комотна, независно од слободно изразената волја на народот, односно граѓаните – да спроведува тоа што нејзе и’ одговара.
Замислите, со што и’ го перат мозокот на јавноста – Уметност и храброст биле, доколку власта спротивно на волјата на мнозинството, одлучи по волја на други и туѓи централи и интереси.
Ја суспендираа демократијата, правната држава, правдата, правата и слободите: Но, тоа го прават “нашите“. Не тие против нас кои историски ги знаеме, туку нивните пулени во државата Македонија – врховистите и колаборационистите. А, на сцена испорачаа висока корупција и организиран криминал, кои нема шанса да заминат од Македонија се’ додека над глава ни виси некрологот “северна“. Со некрологот “северна“ во Македонија никогаш нема да завладеат демократијата, правната држава, правдата, правата и слободите, ќе царуваат високата корупција и организираниот криминал, како синоним за вредност којашто сите ја чувствуваат.
Го сменија државното име Македонија и идентитетот на Македонскиот народ заради членството во НАТО и ЕУ.
Извршија најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува…
А, што ако САД, стратешкиот партнер на Македонија, ја напуштат НАТО? Американскиот претседател Доналд Трамп тоа повеќепати го повторува, посебно после војната на Блискиот Исток.
Што ако Брисел го одложи проширувањето на трајно идно несвршено време?
Има ли одговор на овие прашање некој од власта или опозицијата?
Но, еве, за потсетување на тие со плитка меморија… Во 2012 година Германија предложи “Европа со две брзини“. Во 2017 година САД предложија создавање на “Мала Европска Унија“ за земјите од Западен Балкан, како супститут на полноправно членство во Европската Унија. Во 2019 година Франција предложи “привилегирано партнерство“ за земјите од Западен Балкан – да имаат пристап до европските фондови и пазари, но без право на одлучување, со обврска да се придржуваат на политиките на Брисел. Во 2020 година Франција ги заостри критериумите за членство во Европската Унија! Во 2022 година Франција предложи Европска политичка заедница за земјите од Западен Балкан, исто така, како замена за членство во Европската Унија.
На 23 јуни 2016 година, Британците на референдум гласаа за напуштање на Велика Британија од членство во Европската Унија: Велика Британија ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, на 17 октомври 2019 година ЕУ го прифати договорот за повлекување на Велика Британија од членство во ЕУ, а тој пак стапи на сила на 1 февруари 2020 година.
Во јануари 2017 година, поранешниот бугарски претседател Георги Прванов, во неговото последно телевизиско интервју на крајот од претседателскиот мандат, на Државната бугарска телевизија рече: “Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот, бидејќи е антибугарска и антидемократска идеологија!“ На 20 јануари 2022 година, пак, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој на прашање на новинската агенција БГНЕС, за резултатот од неодамнешната посета на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје, рече: “Не сакаме со Македонија да ги внесеме Тито и Сталин во Европската Унија!“
На 14 април 2025 година, германскиот весник “Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) објави дека, новата германска влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД под премиерската палка на Фридрих Мерц го менува курсот во однос на проширувањето на Европската Унија: Без укинување на правото на вето во ЕУ, тешко до ново проширување! Во коалицискиот договор на идната сојузна влада на Германија многу јасно пишува: “Проширувањето на ЕУ и нејзиниот капацитет за прием на нови членки мора да одат рака под рака. Затоа, најдоцна со следното проширување, потребна ни е внатрешна консолидација и реформа на ЕУ која институционално ќе зајакнува. Но, принципот на консензус во Европскиот совет не смее да стане кочница за донесување одлуки. Ова во принцип важи и за преостанатите одлуки со едногласност во Советот на ЕУ.” А, укинувањето на ветото во ЕУ се решава повторно со консензус и со право на вето – и за него важи правото на вето! А, тоа е невозможна мисија!
На 14 април 2025 година, високата претставничка на ЕУ за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција изјави: “Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки на европскиот пат на Северна Македонија! ЕУ и земјите членки не можат да гарантираат дека по спроведувањето на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја! Никој не може да и’ даде гаранции на Северна Македонија, ако сега го смени Уставот дека, нема повеќе да има пречки на европскиот пат! Разбираме дека промена на Устав не е лесно прашање. Сфаќаме, и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се’ она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис! Ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и’ помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, лично сум ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.“
На 15 април 2025 година, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев за емисијата “Брисел 1” на државната бугарска телевизија изјави: “Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ се само прв но, не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во Европската Унија!“
На 13 јуни 2025 година, за време на посетата на Македонија, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави: “Да, Бугарија го блокира вашиот пат, но вие не чекате 20 години само поради тоа. Реалноста е многу потешка – државите што искрено го поддржуваат проширувањето на Западен Балкан се малцинство во Европската Унија… Кога се пред јавноста, зборуваат убаво за вашето членство. Но, штом вратите се затворат, веднаш почнуваат аргументите зошто Европската Унија не треба да се проширува. Ако беа искрени, ќе бевте членка одамна!“
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Но, тоа е можно само со итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година! И се разбира, со власт која е посветена на Македонија и Македонскиот народ, за која вредност не се новата реалност и европските антивредности.
Колумната е личен став на авторот.



