Интервју со проф. д-р Билјана Ванковска
- Речиси еден месец од инаугурацијата на Доналд Трамп. Дали може да очекуваме дека оваа 2025 година односно првата година од неговиот втор мандат ќе биде година кога ќе се ублажи напнатоста на светската геополитичка сцена, и покрај заканите што ги упати кон Канада, Мексико, Панама, Гренланд…?
БВ: Претседателот Трамп наметна таква пи-ар кампања и таква динамика на носење извршни декрети што понекогаш не се доволни 24 часа за да се следи што сè направил или кажал. Мнозина веруваа дека ќе биде претседател на мирот, но изгледа тој повеќе сака да се прикаже како силен претседател со мачо стил, па заслужува епитет на блицкриг-претседател. Набрзина сака да ги „реши“ сите светски (и национални) прашања, така што секој кој сака да следи што се случува
ќе има полни раце работа. Една работа е што станува збор за ератичен и неконзистентен претседател, кој ни самиот нема визија за САД или светот, па скока од прашање до прашање. Како да сака со шокантни изјави или потези да го потресе и онака расклинканиот светски поредок. Сакам да нагласам две работи, кои ги сметам за суштински: прво, Трамп не е успех на американската демократија, туку морбиден симптом на нејзиниот колапс. Ова беше најевидентно токму на инаугурацијата кога во првиот ред беа најбогатите луѓе на светот (олигархијата), а зад нив новите членови на власта. Улогата на Елон Маск од целата држава прави приватна забава. Втората важна работа со која ќе се соочи Трамп наскоро е фактот дека светот се смени драматично од времето на неговиот прв мандат. Тој ќе мава (со тарифи, на пример), но и ќе му враќаат (а дел од мерките што ги презема немаат ни економска логика, па ќе му се удрат од глава како бумеранг на најсиромашниот слој граѓани – оние кои го гласаа и гледаат во него спасител). Да, кога една империја се распаѓа, тоа значи бурна година/години. Но, личноста не ја креира историјата, туку историските околности создаваат вакви лидери.
2. Од најава дека ќе стави крај на војната во Украина уште во првата година па до нова воена поддршка во замена за минералното богатство на Украина – дали според Вас реални се очекувањата дека Трамп ќе дејствува кон завршување на прекинот на воениот конфликт во Украина или и натаму „ќе ја брани Украина до последен Украинец“?
БВ: Трамп е бескрупулозен трговец – тргува и со територии (заедно со население), небаре е феудален апсолутистички монарх, туку и со мртви. Окружен со луѓе кои се некомпетентни или свесно го лажат, тој нема вистинска претстава ни за состојбата во Украина, а камо ли во Русија. На пример, бара Украина да му плати за сета воена помош со ретки минерали – а не му кажале дека руските сили веќе ги имаат заземено тие делови од украинската територија каде што се најбогатите ресурси. Од него не очекувам никаков мировен план, ами обид да се нагоди со Путин со политика „на ти – дај ми“, нагодба која ќе ги премине и границите на Украина. Од друга страна, тој нема намера да користи мирољубиви и дипломатски средства – па дури мисли и дека може да ѝ се заканува на Москва која на терен е убедливо супериорна. Русија е супериорна и во еден друг аспект: овие три години таа ја усоврши вештината на војувањето, за разлика од Западот кој бомбардираше и уништуваше далеку послаби држави и без вистинско војување со соодветен противник. И конечно, тој зад себе го има НАТО (кого го рекетира и уценува кога бара 5% од БДП на членките), додека Путин е дел на еден сојуз кој го претставува светското мнозинство. Нештата нема да бидат ни брзи ни едноставни, а Украина (или она што остана од неа) ќе биде трагичен доказ за тоа како завршуваат тие кои безрезервно му веруваат на западот. Да беа паметни и водеа своја разумна политика, ништи од ова немаше да им се случи. Сега го изгубија најдобриот дел од својата популација, територија, ресурси – а остатокот веќе го купија западните корпорации.
3. Покрај воениот конфлик помеѓу Русија и Украина, Трамп често го коментира и оној во Палестина. Средбата со неговиот колега Нетанјаху помина во пријателска атмосфера. Истовремено Трамп повика Палестинците да ја напуштат Газа за САД да ја преземат сопственоста на таа територија. Сметате ли дека САД и натаму ќе бидат „ветер во грб“ на Израел и дека зад ова се крие план за трајно раселување на Палестинците од нивните огништа?
БВ: Планот за ектерминација (целосно уништување) на сè што е палестинско е долгорочна заедничка американско-израелска политика. Трамп издејствува „прекин на огнот“ како подарок за инаугурацијата, но еве веќе сега се заканува дека самиот ќе го уништи договорот склучен божем под негово водство, преку неговиот специјален претставник. Мирот во Газа и опастанокот на Палестинците никогаш не бил опција без оглед кој седел во Белата куќа. Нивната трагдија трае од 1948, наспроти резолуциите на ООН. Тој би купил урнатини со трупови на деца кои скапуваат под нив и би градел ривиера за богатите! Тој чини тешко кривично дело против човечноста кога повикува на депортација и етничко чистење, кои заеднои чинат геноцид, па уште и го казнува Меѓународниот суд на правдата! Тоа ви личи ли на нормален човек/претседател/крал?
4. Околу Гренланд се крена најмногу прашина во јавноста. Таа територија е под управување на Данска, земја членка на ЕУ и НАТО. Последните анкети покажуваат дека мнозинството жители на оваа земја ја сметаат САД за поголема закана од Северна Кореа, Иран и Русија. Дали Гренланд ќе биде точката на раздор во НАТО или навистина е дојдено времето Гренланд да ја стекне својата независност, а со тоа и суверено право да стапува во билатерални односи со САД?
БВ: Да се разбереме, и досега Гренланд им служеше како воена база на САД, со дозвола на Данска. Но, овде е битен преседанот: членка на НАТО (најсилната и најбогатата) го загрозува територијалниот интегритет на друга помала членка на истата Алијанса (која нели треба да биде систем на колективна безбедност). Жителите на Гренланд не се стока, и не се на продажба – ако имаат проблем со статусот или барања за самоопределување, тоа не е работа на САД и на поткуп. Гренланд е само врвот на сантата мраз на големите проблеми што ги има НАТО. Дури и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен бара алтернатива за НАТО. На НАТО со Трамп на чело не може да му се верува. А зошто се тогаш алијансите?
5. За крај, како ја коментирате одлуката на Трамп за укинување на УСАИД?
БВ: Иако под претекст на ефикасност и рационално трошење на државните средства, кампањата против УСАИД е удар на вредносниот и идеолошкиот апарата што го поддржуваа Демократите (Трамп ги нарекува „оние другите“). Буџетскиот ефект на штедење е минорен за држава како САД која троши небреини средства за војување! Но, ова се претвори во цунами кои откри што навистина се крие зад американската „мека моќ“ и божемна помош. Застрашувачки е што на листата на медиуми помагани од УСАИД се и многу западни аутлети. За мнозина од нас ова не е тајна, бидејќи пред децении Чомски ја напиша книгата „Создавање на согласност“ (Manufacturing consent) во кој ја разобличи прикриената пропагандна машинерија која дејствува и дома и надвор. Но, ова не е крај на УСАИД, бидејќи сега минува во рацете на Стејт Департментот кој ќе користи слични методи ама за промоција на она што ќе го посака владејачкиот естаблишмент. Како што вели мојата пријателка Радика Десаи, Трамп ја редефинираше Рузвелтовата синтагма за зборување нежно и држење голем стап. Трамп удара и со зборови и се заканува со стапови, а зборувањето нежно не му е својствено. Токму кога им посака на Палестинците убав живот, сега се закани дека од сабота ќе ги отвори портите на пеколот (небаре 15 месеци геноцид и сегашното уривање на Западниот Брег не е доволно пеколно).