Возење во влечки: Што дозволуваат законите – а што велат експертите?

Со доаѓањето на летото, многумина ги заменуваат тешките зимски чизми со лесни папучи, сандали или дури и јапанки. Но, ретко кој се запрашува: дали е безбедно – или воопшто законски дозволено – да се вози во таква обувка?

Иако летната обувка делува удобно, авто-клубовите и експертите од цела Европа предупредуваат: возењето во јапанки, боси нозе или лизгава обувка може сериозно да ја загрози безбедноста на патот. Јапанките лесно може да се заглават под педалите, а контролата врз сопирачката и брзината на реакција значително се намалуваат.

Што дозволуваат законите низ Европа?

  • Белгија, БиХ, Данска, Финска, Луксембург: Нема посебни забрани – дозволена е и босонога и возење во јапанки.
  • Чешка: Нема ограничувања за приватни возачи, но комерцијалните мора да носат обувка.
  • Италија: Нема експлицитна забрана, но во случај на несреќа осигурувањето може да ја одбие исплатата ако сте биле „неправилно обуени“.
  • Германија: Законот бара „безбедно управување“ – што индиректно значи дека босо или со јапанки не е препорачливо. Без казна, но ризик за осигурување.
  • Шпанија: Јасна забрана за возење бос или во јапанки – казна 80 евра.
  • Словенија: Нема законска забрана, но полицијата може да упати усно предупредување.
  • Унгарија: Не е регулирано со закон, но при несреќа возачот може да биде делумно одговорен.
  • Холандија: Нема конкретен закон, но обувката се зема предвид при утврдување на вината.
  • Австрија: Нема казна, но при несреќа, ако се утврди дека обувката е причина – возачот сноси одговорност.
  • Велика Британија: Законски е дозволено, но обувката мора да овозможува целосна контрола – во спротивно следува казна.
  • Хрватска: Нема забрана, но експертите предупредуваат на забавена реакција и послабо кочење.
  • Србија: За приватни возачи нема забрана, но ако обувката е причина за незгода – ќе одговараат. Професионалци може да бидат казнети со 50.000 динари.

Иако во многу држави возењето во јапанки или боси нозе не е директно забрането, сите авто-клубови се едногласни: тоа не е безбедно.
Ризикот од заглавување под педалите или лизгање на стапалото може да доведе до сериозни последици.

Најбезбедно е да возите со затворена, стабилна обувка која добро се прилагодува на стапалото – и ви овозможува целосна контрола врз возилото. Така не само што ќе ја заштитите својата безбедност, туку и нема да ризикувате проблеми со осигурувањето во случај на несреќа.

Сподели ја оваа објава