Властите во Обединети Арапски Емирати уапсиле 10 лица од различни националности поради објавување видеа на социјалните мрежи поврзани со актуелниот конфликт во регионот.
Според информациите објавени од WAM, дел од видеата прикажувале наводни напади врз Обединетите Арапски Емирати или распоредување на системи за воздушна одбрана, додека други биле монтирани или генерирани со вештачка интелигенција, прикажувајќи лажни експлозии, пожари и напади врз познати објекти во земјата.
Јавниот обвинител во ОАЕ соопштил дека објавувањето вакви видеа – без разлика дали се вистински или фабрикувани – може да создаде паника и конфузија кај јавноста.
Според обвинителството, ваквите содржини може да бидат искористени и од „непријателски медиуми“ за да ја поткопаат довербата во државните институции.
Лицата кои се приведени се соочуваат со строги казни според законите на ОАЕ.
Според државната новинска агенција, обвинетите може да добијат:
- минимум една година затвор
- парична казна од 100.000 дирхами (околу 27.000 долари)
Властите наведуваат дека санкциите се поради намерно ширење дезинформации, загрозување на јавната безбедност, ширење страв меѓу граѓаните и нарушување на општествениот мир.
Апсењата доаѓаат во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, кога повеќе земји од регионот се во состојба на зголемена безбедносна готовност.
Властите во ОАЕ апелираат до граѓаните и корисниците на социјалните мрежи да не објавуваат непроверени информации и видеа, особено во периоди на криза.



