Унгарија го стопира извозот на дизел гориво кон Украина и најавува дека испораките ќе продолжат дури откако повторно ќе биде воспоставен дотокот на сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“. Ова го соопшти министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, посочувајќи дека снабдувањето со нафта е прекинато од 27 јануари.
Според него, и покрај претходните најави дека транспортот ќе биде обновен, тоа сè уште не се случило, а причините ги гледа во политичките одлуки на украинското раководство. Сијарто нагласи дека Унгарија има значајна улога во енергетската поддршка на Украина, обезбедувајќи електрична енергија, гас и гориво, но дека сегашната ситуација ја менува динамиката на соработката.
„Испораките на дизел се прекинати и нема да бидат обновени додека не продолжи транспортот на сурова нафта кон Унгарија“, порача тој.
Министерот ги повика унгарските граѓани да ја поддржат националната иницијатива против, како што рече, вовлекување на земјата во конфликтот и можниот раст на цените на енергенсите. Тој уверува дека владата работи на стабилно снабдување со гориво и дека во моментов нема ризик од недостиг.
Воедно, Будимпешта одбива, како што истакна, надворешни политички притисоци и смета дека одлуките за иднината на државата треба да ги носат исклучиво унгарските граѓани.
Сијарто информираше и дека заедно со словачкиот министер за надворешни работи испратиле писмо до Европската комисија, со кое ја активираат можноста за увоз на руска нафта по морски пат, предвидена со претходен договор, во случај нафтоводот да остане надвор од функција.



