ЕУ го стопира историскиот договор: трговијата со Јужна Америка на пауза

Процесот на ратификација на големиот трговски договор меѓу Европската унија и јужноамериканскиот блок Меркоур влегува во неизвесна фаза, откако Европски парламент со тесно мнозинство изгласа барање за правно мислење од Судот на Европската унија.

Со оваа одлука, целиот процес практично е ставен „на пауза“, а според проценките, правната анализа може да трае и до две години.

Станува збор за договор што важи за еден од најамбициозните економски проекти на Унијата во последната деценија, кој треба да ги продлабочи трговските и инвестициските врски со Меркоур – регионален блок што ги обединува најголемите економии во Јужна Америка.

Одлуката на европратениците отвори сериозна политичка и економска дебата. Дел од пратениците инсистираат на дополнителна правна проверка за усогласеноста на договорот со европското законодавство, еколошките стандарди и заштитата на пазарот, додека други предупредуваат дека ваквото одложување може да ја ослаби конкурентноста на европските компании.

Економските аналитичари предупредуваат дека замрзнувањето на ратификацијата може да донесе конкретни последици: одложени инвестиции, неизвесност за извозниците и пропуштени деловни можности за фирмите кои веќе сметале на полесен пристап до јужноамериканскиот пазар.

Компаниите од агроиндустријата, автомобилскиот сектор и преработувачката индустрија се меѓу најзасегнатите, бидејќи токму тие очекуваа намалување на царините и поедноставени процедури.

Во меѓувреме, договорот останува во правен вакуум. Додека Судот не донесе став, иднината на економската соработка меѓу двата блока останува неизвесна, а прашањето е дали политичката волја ќе издржи долг период на чекање.

Едно е јасно – најавуваното „историско партнерство“ меѓу Европа и Јужна Америка сега се соочува со сериозна кочница.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава