spot_img

Либан истрела 25 проектили кон Голанската висорамнина

Тел Авив, 14 април 2024 (МИА) – Во Голанската висорамнина утрово се огласија сирени за тревога бидејќи Либан истрела околу 25 проектили, соопштија израелските одбранбени...
spot_imgspot_img
ПочетнаВестиСветЕУ одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците

ЕУ одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците

Брисел, 1 март 2024 (МИА) – Европската комисија одлучи да одвои дополнителни 68 милиони евра за поддршка на Палестинците во регионот на Блискиот Исток, кои ќе бидат дистрибуирани преку меѓународните партнери на ЕУ, како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина, соопшти денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер.

– Комисијата одвои 125 милиони евра хуманитарна помош за Палестинците за 2024 година, од кои првите 16 милиони ќе бидат проследени денеска или најдоцна на почетокот на следната недела, додаде Мамер.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дополнителната помош ќе претставува додаток на предвидената поддршка од 82 милиони евра за 2024 година преку Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), на која следната недела ќе и бидат исплатени 50 милиони евра.

Комисијата посочува дека одлуката за исплата на средства за УНРВА следи откако Агенцијата презела активности и обврски за расветлување на сериозните наводи за вмешаност на неколкумина нејзини вработени во нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

– Комисијата ги поздравува истрагата на Канцеларијата за внатрешни надзорни служби на ОН за расветлување на сериозните наводи против персоналот на УНРВА и создавањето на независна истражна група, предводена од Кетрин Колона, за да процени дали Агенцијата прави се што е во нејзина моќ за да обезбеди неутралност, посочува Еврокомисијата, додавајќи дека добила уверување од УНРВА дека е „подготвена да обезбеди проверка на нејзиниот персонал за да се потврди дека тие не учествувале во нападите и дека се воспоставуваат дополнителни контроли за да се ублажат таквите ризици во иднина“.

Европската комисија нагласува и дека УНРВА се согласила на ревизија што ќе ја спроведат надворешни експерти назначени од ЕУ.

– Оваа ревизија ќе ги разгледа контролните системи за да се спречи можното вклучување на нејзиниот персонал и средства во терористички активности. Конечно, УНРВА се согласува за зајакнување на својот оддел за внатрешни истраги и управување, наведува Еврокомисијата.

Со сегашната одлука се предвидува исплата на првата транша за УНРВА од 50 милиони евра од вкупната сума од 82 милиони евра за 2024 година, додека останатите две транши во износ од по 16 милиони евра ќе бидат исплатени дополнително согласно темпото на спроведувањето на договорените обврски.

– Покрај поддршката за УНРВА, Комисијата останува целосно посветена на решавање на хуманитарните проблеми на палестинскиот народ, особено во Газа, но и пошироко во регионот и за таа цел е одлуката за одвојување на дополнителни 68 милиони евра во 2024 година, се додава во соопштението на ЕК.

Комисијата посочува и дека согласно договореното со УНРВА предвидена е можност за суспензија или враќање на исплатените средства, доколку „се појават веродостојни информации кои укажуваат на значителни недостатоци во функционирањето на системот за внатрешна контрола“ на Агенцијата.

Во врска со денешната одлука за дополнителната помош за Палестинците, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа е доказ за поддршката на ЕУ за палестинскиот народ во Газа и низ целиот регион на Блискиот Исток.

– Невините Палестинци не треба да ја плаќаат цената за злосторствата на терористичката група Хамас. Тие се соочуваат со ужасни услови што ги доведуваат во опасност нивните животи поради недостигот за пристап до доволно храна и други основни потреби, оцени Фон дер Лајен.

Според еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеј со денешната одлука, Европската комисијата ја диверзифицира својата помош за „невиниот палестински народ во Газа“.

Тој воедно ги поздрави заложбите на УНРВА за преземање „цврсти мерки за да се спречи и да се минимизира ризикот од можно недолично однесување“.

– Сега е од суштинско значење УНРВА да ги исполни договорените мерки и услови за нашата континуирана помош, особено проверката на вработените во Агенцијата во врска со терористичките напади на 7 октомври, проверката на нејзиниот персонал пред ангажирањето и негова континуирана контрола, додаде Вархеји.

Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, пак, изјави дека катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа бара итна мобилизација.

– Комисијата денеска ги договори првите 16 милиони од својот буџет за хуманитарна помош за храна, медицински и непрехранбени производи, сместување, како и за едукација и психо-социјална поддршка на цивилите во Газа. Исто така, неопходно е да се обезбеди безбеден и непречен пристап за хуманитарната помош и работници во Газа, каде што се загрозени илјадници животи, истакна Ленарчич.

Од: Сашко Панајотов Извор: МИА

Придружете се на Вибер каналот на Македонија Денес. Притиснете ТУКА.
spot_img
spot_img