Со подобрувањето на временските услови, Општина Карпош започна акција за осветлување на сите спортски игралишта на своја територија. Од вчера, стручните лица од локалната самоуправа активираа 150 ватните штедливи ЛЕД светилки, кои ќе го осветлуваат просторот на јавните спортски терени.
Оваа иницијатива има за цел да ги прилагоди терените за користење и во вечерните часови, до 23 часот, што значи дека граѓаните ќе можат да уживаат во спортските активности и по залезот на сонцето. Акцијата за осветлување ќе трае до месец октомври, а во моментов општинските служби работат на отстранување на дефектот со електричната мрежа на спортското игралиште во дворот на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во населбата Козле.
Општина Карпош ги повикува сите спортски ентузијасти да го искористат пролетниот и летниот период за активно спортување и рекреација на отворено. Во оваа пригода, локалната самоуправа апелира до граѓаните да ги користат спортските реквизити со внимание и да водат грижа за јавниот ред, за да се создаде пријатна и безбедна атмосфера за сите.
Со оваа акција, Карпош не само што ги подобрува условите за спорт, туку и поттикнува заедницата на активен начин на живот.


