Крај на продажбата на алкохол по 20 часот: Хрватска подготвува нови правила за продажба

Владата на Хрватска најавува измени во законодавството со кои локалните самоуправи ќе добијат право самостојно да го регулираат работното време на продавниците и продажбата на алкохолни пијалаци во вечерните и раните утрински часови.

Министерот за економија, Анте Шушњар, соопшти дека ќе бидат предложени измени на Законот за трговија и Законот за занаетчиство, со кои општините и градовите ќе можат да одлучуваат дали алкохол ќе се продава во периодот од 20:00 до 06:00 часот.

Целта, според властите, е да се заштити здравјето на граѓаните, особено на младите, како и да се намалат инцидентите и нарушувањето на јавниот ред и мир.

Покрај ограничувањата за ноќна продажба, измените носат и олеснувања за занаетчиите – намалување на административните бариери и можност тие да продолжат со работа и по пензионирањето, со што се очекува зачувување на традиционалните занаети и поддршка за локалната економија.

Сепак, туристичкиот сектор предупредува дека рестрикциите би можеле да влијаат врз ноќниот живот и атрактивноста на одредени дестинации, особено во летната сезона.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава