Купувачите не се заинтересирани за електрични возила

Додека Европската унија планира да забрани продажба на нови возила на фосилни горива до 2035. година, истражувањето на фирмата carVertical открива дека дури 51,5% од купувачите во моментов не би размислувале за купување електричен автомобил, а само 12,2% би го разгледале тоа како опција. Преференциите на возачите остануваат цврсто на страната на конвенционалните горива – 43,8% од испитаниците преферираат бензин, 38,9% дизел, додека само 5,6% избираат електричен погон.

Меѓу оние кои размислуваат за електрични возила, главните мотиви се поевтино одржување (47,2%), пониски даноци (17,6%) и државни субвенции (14,1%). Занимливо е што само 14% од испитаниците наведуваат еколошки причини како мотив за купување, пренесува Index.hr. Главните причини против купување електрични возила се високата цена (32%), загриженоста за дометот (26,7%) и лошата инфраструктура за полнење (21,1%).

Укинувањето на државните поттикнувања во земји како Шведска и Германија веќе резултираше со значителен пад на продажбата на електрични возила. Матас Бузелис, експерт за автомобили во carVertical, предупредува: “Владините поттикнувања се скап начин за зголемување на продажбата на електрични возила, но вистинскиот проблем е одржливоста.”

Големите производители на автомобили најавуваат значителни намалувања на работните места поради промените на пазарот. Во исто време, кинеските производители како BYD бележат силен раст во Европа, надминувајќи ја дури и Тесла во продажбата на електрични возила на одредени пазари.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава