Владата донесе одлука базирана на пописот од 2021 година, кој беше спроведен во периодот кога СДСМ и ДУИ беа на власт. Сега, истата политичка партија, ДУИ, ги оспорува резултатите за кои претходно тврдеа дека точно ја одразуваат реалната состојба. Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека одлуките мора да се носат врз основа на постоечките параметри и дека Владата постапила согласно правилата.
„Ние мораме да носиме одлуки врз основа на параметрите што ги имаме и цениме дека како Влада сме постапиле онака како што треба,“ рече Митева, одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на ДУИ да се промени одлуката за корекција на бројот на советници во општинските совети, согласно резултатите од пописот на населението.
Според Митева, ДУИ е единствената партија која, кога е на власт, функционира на еден начин, а кога е во опозиција, бара сосема различни работи за одлуките што ги донела во минатото. Таа нагласи дека е потребно да се почека мислењето од Венецијанската комисија во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
„Дали тогаш тоа можеби би било барање на ДУИ, дали тогаш Владата би постапила на еден или на друг начин. Да видиме какво ќе биде мислењето од Венецијанската комисија и кои ќе бидат сите состојби, дали ќе треба воопшто да се променат или можеби ќе биде соодветно решение кое е предложено од Владата,“ додаде Митева.


