Министерството за внатрешни работи (МВР) ги информира граѓаните дека имаат можност да поднесат барање за промена или корекција на контакт-податоците кои биле доставени при регистрација на моторни возила, доколку во меѓувреме настанала промена или доколку добиле известување со неточни податоци.
За таа цел, граѓаните можат да се обратат на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, кој се наоѓа во зградата на МТВ во Скопје (приземје). Шалтерот работи секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот.
Покрај тоа, ажурирањето на контакт-податоците може да се изврши и во станиците за технички преглед на возила низ целата држава, каде што е распореден деташиран референт на МВР, со што се овозможува полесен и побрз пристап за граѓаните надвор од Скопје.
Од Министерство за внатрешни работи нагласуваат дека со воведувањето и функционирањето на овој сервис уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон унапредување на услугите, транспарентноста и безбедноста, како и грижата за реалните потреби на граѓаните.



