Мароканскиот фудбалер и десен бек на ПСЖ, Ашраф Хакими, се огласи за првпат во јавноста по обвиненијата за силување што беа упатени против него во 2023 година. Во интервју за францускиот Canal+, Хакими категорично ги отфрли сите наводи. “Сигурен сум дека обвиненијата се измислица. Знам кој сум, знам дека не сум сторил ништо и дека никогаш не би направил такво дело. Во секој момент бев достапен за полицијата и дури ги молев да разговараат со мене. Земаа и моја ДНК. За разлика од лицето што ме обвини, јас секогаш бев на располагање,” изјави Хакими.
Тој истакна дека ситуацијата е особено тешка за неговото семејство: “Никогаш порано не сум доживеал нешто слично. Ми е тешко, а на моите им е уште потешко. Лажните написи повредуваат, најмногу моето семејство. Моите деца се уште се мали и не знаат да читаат, но еден ден ќе видат што се пишувало за нивниот татко. Тоа е болно и тоа не би го посакал никому,” додаде тој.
Хакими нагласи дека овие настани значително го промениле неговиот живот: “Кругот на моите пријатели е сега толку мал што речиси никој повеќе не влегува во него.” Обвиненијата за наводно силување потекнуваат од февруари 2023 година, кога 24-годишна жена тврди дека Хакими ја натерал на сексуален однос во неговиот дом во париското предградие Булоњ-Бијанкур. Иако таа вечер случајот бил пријавен во полицијата, не била поднесена официјална тужба. Француската полиција отворила истрага, а во август 2025 година обвинителството побарало Хакими да биде суден. Во случај на осудителна пресуда, му се заканува казна до 15 години затвор. Неговиот адвокатски тим веќе најави дека ќе ги искористи сите правни средства за неговата одбрана.