Лоцирано на околу 1.300 метри надморска височина на Голак или на нешто повеќе од 2 часа возење од Скопје, се наоѓа детското одморалиште Голак.
ГОЛАК – ЛОКАЦИЈА И КАРАКТЕРИСТИКИ
Голак е средновисока планина лоцирана помеѓу Делчевската Котлина на исток и Кочанската Котлина на запад со т.н. меридијански правец на протегање. Планинскиот масив опфаќа 12.800 ха, односно е долг околу 40 км а широк околу 20 км. Спаѓа во средно високите планини, а највисок врв е Чавка (1.538 м), под кој се наоѓа современ туристичко-рекреативен центар (1.400 м), 12 км од Делчево и на кој се наоѓа игралиште за фудбал, кошарка и тенис. Истоименото детско одморалиште располага со 230 легла и денеска е во целост руинирано.
Она што ја прави посебна оваа планина е тоа што е идеална за секој период од годината.
Пролетниот и летниот период е идеална доколку сакате да се сокриете од летните горештини и да се “споите” со густата зимзелена шума. Нуди одлични можности за бројни активности – од пешачење, искачување, планински велосипедизам, но за оние физички поспремните тука е трансферзалата од над 20 км.
Оние кои ја сакаат планината повеќе во зима нема да имаат причина од разочарување. Иако планината спаѓа во групата на средни кои во текот на годината немаат често снег, Голак поголем дел од зимскиот период е со снег (секако зависи од сезоната). Иако нема патеки за скијање, нуди бројни активности кои може да се практикуваат на снег. Токму и една поскромна ски патека од 500-тини метри која може да се изгради е она што најмногу фали на планината.
Располага го голем број на билки и чаеви кои се берат од месец април па сè до месец октомври како што се жолт и црвен Кантарион, Мајчина Душица, Бела Рада, Ајдучка трева, Бозел, Шипинки, Капини, Диви Јагоди, Подабиче, Нане, Јаглика итн. Се среќаваат голем број на печурки меѓу кои и јадливите Врган, Лисичарка, Буковка, Срндак итн. На планината Голак се среќава и поголем број на дивеч како што се дива свиња, див зајак, лисица, кафеав орел, понекоја срна како и повеќе видови на глодачи.
Токму поради сето ова, одморалиштето Голак било многу атрактивно во минатото.
СОСТОЈБА
По 20тина минути возење со автомобил од Делчево пристигнавме на Голак. Густата шума, сончевото време и остатоците од снегот овозможија прекрасна атмосфера. Температурата беше 15 степени на сонце што беше идеално за прошетка. Веднаш се упативме кон одморалиштето. На самиот влез не пречека спомен плочата посветена на Февруарскиот поход, спомен-плоча која беше обновена пред една година.
Токму тоа е и единственото нешто обновено.
Уште на прв поглед воочлива е запустеноста на објектот. Фасада која се распаѓа, прозори кои ги нема, искршени ќерамиди, украдени олуци… Воопшто не очекувавме дека состојбата во внатрешноста ќе биде нешто подобра. И не се излажавме.
Во внатрешнсота нема ниту еден инвентар, цевките за централното греење се украдени, ги нема ниту вратите, дрвениот под, кој навјверојатно е искористен за огрев… Откорнати се дури и плочките на одредени места, а за неверување е тоа што срушени се и некои преградни ѕидови.
Поради негрижата на дел од ѕидовите паднат е и малтерот, а на одредени места плочата има попуштено.
Детскиот џагор одамна го нема, остануваат само спомениците на генерации, сега возрасни лица, во чија меморија е врежано ова одморалиште кое останува нем сведок на едно безгрижно детство, едно безгрижно време.
И НАТАМУ СЕ ПРОДАВА
Во 2013 година делчевската компанија Фротекс стана нов сопственик на старата зграда на Детското одморалиште и тоа за 35 илјади евра. Договорот го склучи со тогашниот сопственик Министерството за труд и социјална политика. Сегашниот сопственик на тој дел од одморалиштетот повторно е ставен на продажба.
Останатиот дел и натаму е во сопственост на ресорното министерство. Со истиот сепак располага Општина Делчево кому му е дадено на користење.
Општината и натаму бара инвеститор. Во изјава на одговорните од Општина Делчево дадена за Мнет се вели:
„Објектот на поранешното детско одморалиште на Голак е дадено на користење на Општина Делчево во 2016 година. Во периодот пред 2016 г. имаше многу неуспешни обиди за продажба од страна на неговиот сопственик МТСП и, за жал, откако целосно беше уништен објектот во периодот од 2006 до 2016, државата го даде корисничкото право на Општината во 2016 година. Општината направи неколку обиди за негово ставање во функција преку разни проекти, исто така, има и голем број заинтересирани потенцијални инвеститори од земјава и странство кои пројавуваат интерес за објектот, но до денес нема конкретен договор или најава за инвестиции.“
ВИДЕО
Во продолжение можете да го погледнете видеото на кое е прикажана внатрешноста и надворешноста на објектот.