Поради високо ниво на пестициди земји oд ЕУ вратиле назад во Албанија пратки со мандарини

Тирана, 18 декември 2024 (МИА) – Европскиот систем за безбедност на храната го вклучи алармот за испораките со  мандарини кои доаѓаат од Албанија, објави „Топ чанел“.

Според истиот извор во последните неколку недели Хрватска, Чешка, Италија и Литванија, „земји кои увезуваа овошје од нашата земја, по направените анализи го  отфрлија албанското производство од нивните граници”.

-Мандарините содржат остатоци од неколку супстанции опасни по здравјето на луѓето и се  забранети за продажба во ЕУ. Поточно, станува збор за високо присуство од хлорпирифос и фосмет пестициди, кои како несакани ефекти имаат влијание врз развојот на мозокот кај децата, нарушувања на нервниот и ендокриниот систем, како и зголемен ризик од срцеви заболувања и рак, додава телевизијата.

Анализите потврдиле дека остатоците од пестициди во мандарините е од три до 12 пати повисоки од дозволеното со европските регулативи, променети од септември минатата година.

– И покрај тоа што известувањето од Европската комисија е доставено на 29 ноември и 11 декември годинава, нема официјално соопштение од Министерството за земјоделство и од институциите за контрола на храната во земјава за безбедноста или повлекувањето на овие производи од пазарот, наведува „Топ чанел“.

Албански мандарини, маслинки и друго на големо завршуваат на пазарите во соседните земји, посебно во пограничните подрачја во Косово и Северна Македонија.

Од Вера Тодоровска, Тирана Извор МИА

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава