Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи е убиен, соопшти Врховниот совет за национална безбедност на Иран, пренесоа државните медиуми.
Според официјалните информации, нападот се случил додека Хамнеи ги извршувал своите редовни обврски во комплексот познат како „Куќата на лидерството“. Сателитски снимки што ги анализираше BBC Verify покажуваат сериозни оштетувања на делови од објектот.
Иранската новинска агенција Тасним, поврзана со Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), оцени дека фактот што Хамнеи загинал во својот кабинет ги демантира тврдењата дека се криел, нарекувајќи ги таквите информации „психолошка војна на непријателот“.
Во извештаите на агенцијата Фарс се наведува дека во нападите загинале и неговата ќерка, зет и внук, а се појавија и непотврдени информации за смртта на снаата. Иранските власти засега официјално не ги потврдија овие наводи.
Али Хамнеи е роден во 1939 година во Машхад, во семејство на верски учен. На почетокот на 60-тите години му се приклучил на движењето на ајатолахот Рухолах Хомеини против тогашниот шах.
По Исламската револуција во 1979 година станал заменик министер за одбрана и учествувал во формирањето на Исламската револуционерна гарда – една од најмоќните воени структури во земјата.
По смртта на Хомеини во 1989 година, Советот на експерти го избра за нов врховен лидер, иако во тој момент не го поседуваше највисокиот верски ранг. Уставот беше изменет за да му се овозможи да ја преземе функцијата.
Во изминатите повеќе од три децении Хамнеи имаше апсолутна контрола врз политичкиот систем, вооружените сили и клучните институции во Иран, задушувајќи ги предизвиците кон власта, често и со сила.
Неговиот мандат беше обележан со силна антагонистичка политика кон Соединетите Американски Држави и Израел, како и со постојани повици за уништување на израелската држава.
За време на неговото владеење се сменија седум претседатели на Иран, но вистинската моќ остана во негови раце.
Смртта на Хамнеи отвора сериозни прашања за иднината на Иран и можната борба за наследство на најмоќната функција во државата, во момент на големи регионални тензии.
Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.



