Во селото Ротино, денеска се одвиваат интензивни градежни активности, со асфалтирање на патот кој води до локалната црква. Оваа реконструкција, која започна минатиот месец, е дел од поширок проект за подобрување на инфраструктурата во руралните области на Општина Битола.
Претставници на Општината, заедно со одговорните лица, направија увид во тековните работи, кои вклучуваат асфалтирање на пат долг 706 метри и широк 3 метри, со банкини од двете страни. Пред асфалтирањето, поставена е тампонирана подлога со дебелина од 25 см, а дебелината на асфалниот слој изнесува 7 см, што гарантира долговечност и безбедност на патот.
Вкупната асфалтна површина изнесува 2119 м2, а вредноста на проектот е 5.185.870 денари. Средствата за оваа реконструкција се обезбедени преку Министерството за транспорт, од вториот владин повик, на кој Општина Битола доби одобрение за најголем број проекти.
Овој проект е уште една потврда на заложбите на локалната самоуправа за подобрување на условите во руралните средини, со цел да се олесни пристапот до важни објекти како што е црквата, но и да се подобри квалитетот на животот на жителите во селото.


