Во периодот од 2022 до 2024 година, 22,4 проценти од вкупниот број деловни субјекти во земјава спроведувале иновациски активности, покажуваат претходните податоци за деловната иновативност.
Анализата според големината на компаниите покажува дека иновациите се многу почести кај поголемите деловни субјекти. Така, иновациски активности имале 19,6 проценти од малите компании, 32,1 проценти од средните, а дури 40 проценти од големите деловни субјекти.
Податоците по сектори откриваат дека најголемо учество на иновации има во секторот научно истражување и развој, каде што 57,1 проценти од деловните субјекти реализирале иновациски активности.
Високо учество на иновативност е забележано и во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување, со 43,6 проценти, како и во секторот снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санирање на околината, каде уделот изнесува 35,4 проценти.
Најмал процент на иновации, според податоците, има во секторот рударство и вадење на камен, каде што само 13,6 проценти од деловните субјекти имале иновациски активности.
Податоците укажуваат дека иновативноста во земјава и натаму е концентрирана во одредени сектори и кај поголемите компании, додека кај малите бизниси учеството останува значително пониско.



