Не можев да се навикнам на манипулациите, омаловажувањата и навредите кои ги добивав многу често последниот период кога се обидував да го видам синот. Бев и два пати пријавуван во полиција за наводно вознемирување (што и беше одлична стратегија за дефокус односно фокусот да го стави на мене, а не на глупостите кои ги направила она), нешто што не сакаше да го процесира судски бидејќи истото не беше вистинито. Веќе видените сценарија и оваа вечер ме останаа буден до кај 2 часот наутро.
Точно 03:40 телефонот ѕвони, а на екранот: нејзиното име.
Телото ми се стегна уште пред да го подигнам. Инстинктот не чека објаснување – само шепнува „нешто не е во ред“.
„Има напад, доаѓај брзо!“ – паника во глас, здив што пресекува, страв што го покрива секој збор.
Без да размислував веднаш скокнав од кревет и облеков само патики. Бев сместен во хотелот спроти нејзината куќа, но тие секунди додека трчав по скалите изгледаше далеку како друг град.
Само што излегов – ја видов. Стоеше на средината на раскрсницата, со него во рацете. Тој… скаменет, со очи полузатворени и безбојно лице.
„Никој не крева на Брза помош!“ – викаше. И јас пробав да се јавам меѓутоа и јас безуспешно.
Се вратив назад да го земам клучот од автомобилот. Но… вратата беше заклучена. Картичката за влез во собата остана внатре исто како и клучот од автомобилот.
„Не можам да влезам во соба!“ – ѝ реков, со глас стегнат во јазол.
Пак се јавив на Брза помош – но во брзањето… погрешен број. Пожарна.
Погледот ми шета по улицата, како ловец по чудо.
И тогаш – чудото.
Автомобил. Паркиран пред маркетот, до каргото.
Се затрчав кон него.
Заклучен. Но… прозорецот отворен. Се наведов, ја вовлеков раката внатре, ја отклучив вратата од внатрешната страна.
„Те молам, биди тука…“ – шепнав, барајќи го клучот на брава.
И… беше таму. Клучот… на брава.
„Господи, ако некогаш си постоел – сега си тука,“ прошепотив, стартувајќи го автомобилот.
Веднаш се упатив кон нив. Свирнав и се сврте. Влезе во товарниот дел на возилото.
Го возев како по оган, додека она се обидуваше да одржи рамнотежа во задниот дел од возилото. Две минути по до болница како цела вечност.
Стигнавме во Итната.
„Мора да го префрлиме во Штип,“ рекоа од медицинскиот тим откако му ставија инекција и ги направија сите потребни работи за да го смират и доведат во ред.
Додека тие се подготвуваа, јас… се вратив со „позајмениот“ автомобил до хотелот.
Го паркирав точно каде што беше.
Потоа повторно свртев на телефонскиот број на рецепционерката. Овојпат ми одговори.
Се извинив. Таа ми помогна да го најдам резервниот клуч.
Влегов во собата, зедов сè што ми треба, скокнав во мојата кола и веднаш назад – кон Итната медицинска помош.
„Само што заминаа,“ ми рекоа.
Погледнав во небото, вдишав длабоко и тргнав кон Штип.
На неколку километри пред Истибања, изгубив контрола на една кривина. Излетав од патот.
За среќа, беше само мала материјална штета на автомобилот. Господ беше со мене.
Во меѓувреме вртев неколку пати на телефон, но не можев да ја добијам. Малку подоцна добив повик:
„Не ја зедов кепрата, земи ја.“
Одлучив дека поблиску е Кочани. Се упатив таму, но сите аптеки беа затворени.
Враќање назад – во Делчево.
Ми кажа дека вратата е отклучена, и да земам облека и за неа и за мојот син.
Влегов во куќата. Започнав да ги пакувам неговите работи.
Ја побарав на телефон повторно – дали е детето во ред? Ќе останат ли во Штип или ќе ги препратат во Скопје? Побарав и да ми асистира бидејќи не можев да се снајдав во плакарот каде владееше хаос.
Барајќи ја нејзина нарачана облека, налетав на нешта што не можев да си го објаснам: ремени, додатоци, како оние за изведување на сексуални фантазии. Брзо ги заборавив и ги оставив во хаосот.
Налетав и на кутија во која мислев дека има чорапи – имаше документи.
На врвот – извод од книга на венчани. Нејзините родители. Починати. Годишнината од нивниот брак беше за некоја недела. Издишав. „Што би рекле тие, гледајќи што прави нивната ќерка?“ – си помислив.
Го затворив плакарот, ги собрав работите и повторно – тргнав.
Во болницата, син ми веќе спиеше. Го гушнав. Нежно, бакнувајќи го за главата.
Ја гушнав и неа. Силно. Како порано. Без разлика на сето она што во меѓувреме го направи.
„Што да донесам?“ – прашав.
„Кафе. Цигари и нешто за јадење“
Отидов. Купив. Се вратив. Не можев да молчам и издржам во себе. Особено поради тоа што ниту една мајка не сакам да ја гледам во болница, а уште помалку мајката на моето дете. И за нејзино добро. Не можев да гледам како чекори по патот на самоуништувањето, особено уништувањето на иднината на нашето дете. Не можев да издржам и за нејзините родители кои требаше да бидат горди на неа.
„Каде се сега сите тие мажи со кои ме изневеруваше? Каде се кога ти си во болница? Кога детето има напад? Мислиш дека тие ќе трчаат да ти донесат лекови, храна, облека…? Да ти помогнат? Знаеш дека се таму само за едно. За секс и ништо друго, ништо повеќе. А за сексот и задоволување на твоите, сопствени хормонални потреби – си го уништуваш животот и иднината на детето. Пред некоја недела ме пријави во полиција, вчера ме вреѓаше и пцуеше, завчера и денови претходно не ми креваше на телефон… Мислиш ли дека сето тоа е во ред? Соземи се и нека ваквите моменти бидат само лекција и за тебе и за мене. Потребни сме му на детето.“
Со ова сакав да и ги отворам очите и да и кажам дека воопшто не е добро тоа што го прави. Дека има семејство и дете за кое сите ние беспоштедно треба да се вложуваме овозможувајќи му многу повеќе од само нормална средина. Мислев дека со ова ќе ја поттикнам да се погледне во огледало и да се преиспита. Да сфати дека тоа што го прави не носи добро никому.
Залудно … Ништо не кажа. Го зеде телефонот, кафето, и излезе да запали цигара.
Останав со синот. Тој се расположи во текот на денот. Поминавме заедно цел ден. Игравме и се смеевме заедно. И секогаш кога беше во болница функциониравме без проблеми. Немав никаква пречка да поминувам време со синот колку сакам. Веројатно зошто тогаш она имаше потреба од некој покрај неа. Не бев потребен сето тоа време во меѓувреме. Пријави, вреѓање, омаловажување и користење на детето како оружје, се со цел да ме потишти и целосно отстрани од животот на детето.
Во 21 часот се повлеков во автомобилот паркиран пред болницата кој беше мојата нова „хотелска соба“ во Штип.
Се прашував:
Како беше можно автомобилот да биде заклучен, а клучот да остане внатре?
Не знам.
И не е важно.
Важно е што Господ – или судбината – го остави тој автомобил точно таму.
Не за мене.
Туку за Александар.
Прочитај и’: