СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(83), В.Џ.(80) и Т.А.(68), сите од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“. Кривична пријава е поднесена и против З.С.(44) од Штип за продолжено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“.
Според полицијата, првите тројца пријавени, во периодот од септември 2012 до октомври 2024 година, во својство на претседатели на Здружението на инвалиди на трудот – Штип, ги префрлале дневниците кои четвртопријавената ги заработувала како секретар на сметка на нејзината мајка, со цел таа да не го изгуби правото на социјален детски и образовен додаток.
Понатаму, З.С. со лажно прикажување факти го довела во заблуда новиот претседател на здружението дека постои долг кон нејзината мајка, по што во име на здружението бил склучен договор за отстапување побарување. По смртта на мајката, таа склучила ист договор и со својата ќерка.
Истрагата покажала и дека првопријавениот и второпријавената вршеле исплати за седници кои не биле одржани, како и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала.
Третопријавениот, пак, склучил договор за закуп на станбен простор додека огласот сè уште бил во тек, без да се разгледаат сите понуди. Тој во повеќе наврати си префрлал пари од службената на својата трансакциска сметка, а извршил и исплата на правно лице за наводно угостителски услуги.
Со овие дејствија, буџетот на здружението бил оштетен за 297.730 денари, додека четвртопријавената стекнала противправна имотна корист од 88.234 денари.


