Ѓорче станува центар на урбаната уметност: стартува фестивалот „Еволуција на сонот“

Од 11 до 13 септември, Ѓорче Петров ќе биде домаќин на првото урбано издание на фестивалот „Еволуција на сонот“. Централниот општински парк ќе се претвори во сцена на современа култура, каде што музиката, уметноста и перформансите ќе се преплетуваат во единствено искуство.

Фестивалот, чиј основач и организатор е Весела Моловска, има цел да обедини различни култури и генерации преку урбана и меѓународна уметничка продукција. „Ова е повеќе од фестивал – тоа е културна револуција, место каде што слободата на изразување ќе добие нова димензија,“ вели Моловска.

Програмата започнува во четврток во 20:00 часот, во соработка со уметничкото движење „Паломарт“ од Неапол. Уметници од Португалија, Бразил и Италија ќе настапат со аудиовизуелни перформанси во живо, концерти, диџеј-сетови, инсталации и мурална уметност. Петокот ќе биде посветен на слободата на изразување преку танц, графити и урбани активности, со настапи на познати диџеи како Оки Доки, Дабл Г и Аце КН.

„Еволуција на сонот 2025“ ветува да биде урбано, музичко и уметничко доживување кое не само што ја промовира планетарната културна разноликост, туку и го поставува Ѓорче Петров на мапата на современите уметнички центри.

Сподели ја оваа објава