Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изрази големо задоволство од настапите на својот напаѓач Ерлинг Холанд. Во интервју со англиските новинари, Гвардиола беше запрашан да направи споредба помеѓу Холанд и новото засилување на Ливерпул, Александер Исак. Оваа дискусија произлезе од изјавата на менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, кој го прогласи Исак за најдобриот напаѓач во светот.
Гвардиола не двоумеше да го стави Холанд на прво место, изјавувајќи: “Го ставам Холанд малку над него. Исак е извонреден играч, но ме прашавте за Ерлинг и тој е врвен.” Тој исто така нагласи дека Исак, со оглед на сумата што Ливерпул ја плати за него, мора да биде врвен играч.
“Некој друг би можел да го спомне Мбапе, Меси или Кристијан Роналдо, но јас не би го заменил Ерлинг за никого,” додаде Гвардиола.
Холанд, кој пристигна во Манчестер Сити во летото 2022 година од Борусија Дортмунд, досега има одиграно 149 натпревари за „Граѓаните“ и постигнато 127 голови. Оваа сезона, тој веќе има три гола во три натпревари во Премиер лигата.