СВР Струмица поднесе кривична пријава против 37-годишен државјанин на Романија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измамување на купувачи“.
Според информациите од полицијата, на 10 февруари и во два наврати на 18 февруари 2026 година, пријавениот заедно со својот малолетен син на подрачјето на Радовиш пуштале во продажба производи со ознаки на познати брендови кои не одговарале на потеклото и квалитетот на оригиналните.
Со ваквиот начин на работа тие се стекнале со противправна имотна корист од околу 250 евра и златен накит, кој го прифаќале како замена за готовина.
На 18 февруари, полициски службеници ги затекнале во Радовиш во патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки. При извршениот преглед на возилото биле пронајдени и одземени повеќе комплети со ознаки на познати марки.
При личен преглед кај осомничениот биле пронајдени и одземени пари и златниот накит, за кои било утврдено дека потекнуваат од измамените купувачи.
По целосно документирање на случајот, против него е поднесена соодветна кривична пријава.



