Полициски службеници од СВР Тетово спроведоа засилена акциска контрола во повеќе угостителски објекти на подрачјето на Тетово, при што биле откриени малолетници кои носеле опасни предмети.
Акцијата била реализирана на 30 јануари во периодот од 14:00 до 16:00 часот и била насочена кон зголемување на безбедноста и спречување на потенцијални инциденти во локалите каде престојуваат млади лица.
При контрола во угостителски објект на улицата „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник полицијата пронашла и одзела неколку ножеви и метален боксирач. Истовремено, во друг објект во рамки на Спортскиот центар, кај уште двајца малолетници биле откриени ножеви.
Сите тројца биле приведени во полициска станица во присуство на нивните родители. По документирањето на случајот, тие биле предадени на семејствата, а против нив ќе следуваат соодветни мерки согласно законските прописи.
Од полицијата најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел превенција од насилство и зголемување на безбедноста во јавните простори.



