Младите од Црвен крст со проект за зачувување на традицијата и обичаите во Делчево

Во Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево денеска се одржа работна средба со претставници на младите од Црвениот крст, посветена на промоција и зачувување на културното наследство на регионот.

На средбата беше претставен интеркултурен проект кој има за цел да ги афирмира традициите, обичаите и културните вредности карактеристични за општина Делчево.

Соработникот за фолклор и сценско-уметничка дејност при Центарот, Кристијан Трајановски, ги запозна присутните со богатството на народните носии, како и со традициите и обичаите кои се негуваат во овој крај.

Во рамки на проектот, младите работат на подготовка на книга посветена на културното наследство, која ќе ги опфати традиционалните обичаи, народната носија и начинот на живот на локалното население.

Планирано е изданието да биде преведено на три јазици, со цел македонското културно богатство да стане подостапно за поширока публика и да придонесе за меѓукултурно разбирање.

Од Центарот за култура истакнуваат дека ваквите иницијативи се значајни за зачувување на идентитетот и традицијата, особено преку активното учество на младите.

Сподели ја оваа објава