Во рамките на иновативниот проект за млади, Општина Велес во соработка со Europe house и Младински центар Велес, денес организираше втор дел од симулацијата на седница на Советот на Општина Велес. Овој настан е продолжение на активностите од минатиот месец, кои имаа за цел да ги вклучат младите во процесите на локалната самоуправа.
Членовите на Локалниот младински совет, во улогите на претседател на Советот, градоначалник и општинска администрација, ја воделе симулацијата, во која учествуваа дваесет и тројца претставници од општинските средни училишта. Како советници, тие поставуваа прашања и дебатираа по предлог-одлуките од Дневниот ред, што им овозможи да стекнат реално искуство во функционирањето на локалната власт.
Настанот не само што им овозможи на младите велешани да се информираат за начинот на кој се водат седниците, туку и да ја разберат улогата на сите учесници во овој процес. Интерактивната расправа по точките од Дневниот ред беше одлична можност за учење и размена на идеи.
На симулацијата присуствуваа ученици од сите средни училишта во Велес, нивни професори, како и претставници на Локалниот младински совет и Europe house. Текот на расправата го следеа и членови на Советот на Општина Велес, што дополнително ја зголеми важноста на овој настан.
Оваа иницијатива е одличен пример за тоа како младите можат активно да учествуваат во одлучувањето и да влијаат на својата локална заедница.


