Министерството за внатрешни работи и Фудбалската федерација на Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се зајакнува партнерството меѓу двете институции во насока на зајакнување на сигурноста, безбедноста и интегритетот на фудбалските натпревари.
Целта на овој Меморандум е ефективна координација и размена на информации,унапредување на безбедносните протоколи, спречување на насилство и недолично однесување и поттикнување на позитивна спортска култура меѓу навивачите.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев нагласи дека оваа иницијатива не е само административен чекор, туку конкретна акција насочена кон заедничка одговорност, превенција и градење на здрава и безбедна спортска култура во Македонија.
„Министерството за внатрешни работи континуирано работи на унапредување на безбедносните стандарди и заштита на јавниот ред и мир, особено кога станува збор за настани со масовно присуство како што се фудбалските натпревари.
Потпишувањето на Меморандумот со ФФМ претставува основа за продлабочена и координирана соработка. Заедничките активности, обуки, планови и комуникациски механизми ќе овозможат навремено препознавање и спречување на потенцијални ризици, со крајна цел – зголемена безбедност за сите учесници и посетители на спортските настани.“, потенцираше директорот Јанев.
Директорот на Фудбалската федерација на Македонија Масар Омерагиќ потенцираше дека оваа соработка претставува важен чекор кон европски стандарди во организирање на фудбалски настани и јасно укажува на нашата заложба да изградиме фудбалска култура која инспирира, а не дели.
„“Како Фудбалска федерација на Македонија имаме одговорност не само кон играта, туку и кон сите кои се дел од неа – фудбалерите, навивачите, клубовите и општеството.
Со потпишувањето на овој Меморандум со МВР, отвораме ново поглавје во безбедноста и организацијата на натпреварите. Заеднички ќе работиме на создавање средина каде што фер-плејот и почитта ќе бидат норма, а насилството и недоличното однесување – исклучок кој ќе биде санкциониран.“ истакна претседателот Омерагиќ.