Расте продажбата, но паѓа заработката: Парадоксот на Volkswagen

Иако продажбата на возила на Volkswagen Група расте, профитабилноста на компанијата се соочува со сериозен пад. Во првиот квартал од 2025 година, Volkswagen пријави нето добивка од 2,18 милијарди евра – пад од 40,6% во споредба со истиот период минатата година, и покрај зголемувањето на продажбата за 1,4%, односно 2,13 милиони испорачани возила.

Парадоксално, порастот се должи на зголемената побарувачка за електрични возила – сегмент што сѐ уште не обезбедува иста профитабилност како традиционалните модели. Оперативната маржа на групацијата паднала од 6% на само 3,7%, што укажува на високите трошоци за електрификација.

„Успехот на нашите електрични возила има своја цена,“ изјави финансискиот и оперативен директор на VW Група, Арно Антлиц. „Маржата од околу 4% јасно покажува дека ни претстои уште многу работа.“

Антлиц нагласи дека клучно за иднината е намалување на трошоците за производство и зголемување на профитабилноста кај електричните модели, особено во услови на глобална економска нестабилност. Претходно најавената цел за изедначување на профитабилноста помеѓу електричните и бензин/дизел модели е одложена од 2025 на 2026 година.

Клучна улога во оваа стратегија ќе имаат новите достапни модели како ID.2 и неговата crossover верзија, кои ќе бидат понудени и под брендовите Cupra и Škoda по цена од околу 25.000 евра. ID.1, уште поевтин модел, се очекува во 2027 година со цена од околу 20.000 евра.

Продажбата на електрични возила во Европа во првиот квартал е зголемена за 113%, додека во САД пораснала за 51%. Секое десетто продадено возило на VW Група сега е електрично, а на Западна Европа електричните модели сочинуваат над 20% од сите нарачки – со Volkswagen како пазарен лидер со 26% удел.

Најпродавани електрични модели на VW Група во 2025 година:

  • VW ID.4/ID.5 – 43.700 единици

  • VW ID.3 – 28.100 единици

  • Audi Q4 E-Tron/Sportback – 22.800 единици

  • Škoda Enyaq/Coupe – 20.200 единици

  • VW ID.7/Tourer – 19.100 единици

  • Audi Q6 E-Tron/Sportback – 16.000 единици

  • Porsche Macan (EV) – 14.200 единици

  • VW ID. Buzz/Cargo – 12.700 единици

  • Cupra Born – 11.000 единици

  • Cupra Tavascan – 7.600 единици

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава