Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода шест возачи поради безобѕирно управување со возило.
Според информациите од полицијата, четворица од нив управувале без возачка дозвола, додека двајца биле зад воланот под дејство на алкохол.
Во Битола биле приведени двајца возачи без возачка дозвола, а по еден таков случај бил регистриран и во Скопје и во Гевгелија. Еден од возачите во Битола претходно предизвикал и сообраќајна незгода, откако со возилото удрил во паркиран автомобил.
Во меѓувреме, во Струга и Струмица биле приведени по еден возач кои управувале возило под дејство на алкохол. Возачот во Струмица предизвикал и сообраќајна незгода, излетувајќи со возилото од патот.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, ако имаат изречена забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе за побезбеден сообраќај.



