Во Општина Гевгелија, денес се одржа значајна средба во рамките на Програмата „Суперучилишта“, која има за цел да ја зајакне регионалната соработка помеѓу младите од Западен Балкан. Градоначалникот Андон Сарамандов прими делегација од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, заедно со средношколци и професори од Јабланица, Босна и Херцеговина.
Оваа меѓународна образовна размена е дел од напорите за унапредување на поврзаноста и размената на култури помеѓу младите. СОУ „Јосиф Јосифовски“ по вторпат добива статус на „Суперучилиште“, што е значајно признание за неговиот придонес во поттикнувањето на мирот и меѓукултурниот дијалог.
Градоначалникот Сарамандов изрази задоволство од овој успех, нагласувајќи дека тој е доказ за посветената работа на училиштето и неговата активна улога во градењето на позитивни вредности кај младите. „Ваквите иницијативи играат клучна улога во градењето доверба и соработка меѓу младите од регионот“, истакна тој.
Програмата нуди можности за учениците да се запознаат со различни култури, да создадат нови пријателства и да се развиваат како активни и одговорни граѓани. Градоначалникот им посака топло добредојде на гостите од Јабланица и изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.
Програмата „Суперучилишта“ е поддржана од Европската комисија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој, а се имплементира од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Оваа иницијатива е пример за тоа како образованието може да биде катализатор за мир и соработка во регионот.


