Сообраќајот низ државата утрово се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, а на повисоките места има остатоци од кашест снег. Дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат интервенираат на критичните делници со цел одржување на проодноста.
Дополнителен проблем за возачите претставува намалената видливост поради густа магла, која на планинските превои Плетвар, Ѓавато и Пресека се спушта и до околу 100 метри.
Најсериозната состојба е регистрирана на регионалниот пат Удово–Валандово, каде поради излевање на Калковска Река водата се излеала врз коловозот. Од раните утрински часови сообраќајот на оваа делница е целосно запрен, а возилата се пренасочуваат по алтернативниот правец Марвинци–Валандово.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини засега е умерен, без подолги задржувања на граничните премини. Сепак, надлежните апелираат на внимателно возење, прилагодена брзина и задолжително поседување зимска опрема, што останува законска обврска до 15 март.
Потсетување за возачите – патниот правец Охрид–Ресен преку националниот парк Галичица е сезонски затворен, а на повеќе делници во земјава се изведуваат градежни работи и важат привремени режими на сообраќај.
Надлежните препорачуваат внимателност, особено на клисурите и планинските патишта каде постои ризик од одрони, снег и лизгав коловоз.


