Јакимовски: Мицкоски сака да им продаде мачка во вреќа на карпошани

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски, остро реагираше на однесувањето на политичките противници, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за водење на кампања без транспарентност и искрен дијалог со граѓаните.

Во својата изјава, Јакимовски посочи дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ бил ставен под строга контрола од сопствената партија, без дозвола да говори на јавни трибини, да одговара на прашања или самостојно да комуницира со јавноста.

– „Наместо вистински соочувања и дебати со граѓаните, нивниот кандидат добил забрана да зборува. Наместо идеи – снима клипчиња со проекти кои јас одамна ги имам реализирано. Наместо визија – повторување на туѓи ветувања“, рече Јакимовски.

Тој додаде дека ваквиот пристап не е фер кон граѓаните на Карпош, кои, како што истакна, заслужуваат отворена и аргументирана политичка кампања.

– „Карпош не е публика за туѓи сценарија и празни ветувања. Граѓаните сакаат луѓе што знаат што направиле, кога направиле и за кого работат. Јас не ветувам, јас покажувам. Сè што сум кажал – сум реализирал“, нагласи Јакимовски.

Во завршницата на своето обраќање, тој апелираше до граѓаните да не дозволат Карпош да стане експеримент на, како што рече, „неуспешни приправници во политика“.

– „Карпош заслужува луѓе со резултати, искуство и почит кон граѓаните. Да го одбраниме Карпош. Да го зачуваме достоинството“, повика кандидатот од коалицијата „Искуство за успех“.

Локалната кампања во Карпош продолжува во атмосфера на зголемена политичка тензија, а жителите на оваа скопска општина ќе имаат можност да го дадат својот глас на претстојните локални избори.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава