Јакимовски официјално ја најави кандидатурата за нов мандат во Карпош

Пред претставници на медиумите, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска официјално ја потврди својата кандидатура за нов мандат.

„Одлуката ја донесов по долготрајни консултации со граѓаните и по внимателно следење на јавното мислење. Сите ме знаете, мојот телефон е отворен и комуницирам со секого – токму тоа е доказ дека постои силна поддршка и желба повторно да ја водам општината,“ изјави Јакимовски.

Тој истакна дека довербата од граѓаните не се должи на симпатии, туку на конкретни резултати.
„Карпош е десет до петнаесет години пред било која општина во Македонија. Имаме модерна инфраструктура, реновирани училишта и градинки, подобрени услови за образование и спорт, како и подготвена администрација која стои зад секој реализиран проект,“ нагласи градоначалникот.

Меѓу главните предизвици, Јакимовски ги посочи паркирањето, хигиената и зеленилото, за кои побара нови законски решенија:
„Недозволиво е десетина градоначалници и стотици функционери да бидат надлежни, а резултатите да бидат катастрофални. Одговорноста мора да е јасна и да дојде кај локалната самоуправа,“ порача тој.

„Карпош мора да биде чекор пред сите. Изборите се можност за граѓаните повторно да ја одберат патеката на развој, а не тапкање во место,“ ја заокружи Јакимовски својата изјава.

Сподели ја оваа објава