Во месноста Длабок Дол, во близина на селото Коњско на планината Кожуф, денеска беше откриено спомен-обележјето „Географски центар на Македонија“, проект реализиран од Светскиот Македонски Конгрес со донација на Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија.
Обележјето се наоѓа покрај регионалниот пат Гевгелија – Моин – Ново Коњско, во правец кон туристичкиот локалитет Смрдлива Вода, а точната позиција е утврдена со координати 42°10’10.3’’ северна географска широчина и 22°23’04.3’’ источна географска должина.
Локацијата е определена врз основа на дигитална анализа на етнографската карта на Македонија од Димитрија Чуповски од 1913 година, користејќи современи ГИС технологии и Светскиот геодетски систем WGS 84.
Анализата ја изработил магистер Леонард Л. Луз Едмонтон, сертифициран експерт за географски информациски системи.
Спомен-обележјето е изработено од железна плоча со дијаметар од 80 сантиметри и тежина од 50 килограми, на која на македонски и англиски јазик е испишано „Географски центар на Македонија“.
Од СМК очекуваат ова место да прерасне во култна туристичка дестинација која ќе ги надополни природните и археолошките богатства на Кожуф – од Алшар и Коњската река до локалитетите Гортинија, Исар и Крчаново.
На настанот се обрати претседателот на СМК, Тодор Петров, кој истакна дека географскиот центар е определен во согласност со картата на Димитрија Чуповски – еден од најзначајните афирматори на македонската национална мисла.
Свеченото отворање на целосно уредениот простор е најавено за 19 септември 2026 година.
Светскиот Македонски Конгрес и Институтот „Хелиос“ најавија и нова културна манифестација – „Денови на Филип Втори Македонски“, која ќе се одржува секој трет викенд во септември.
Програмата ќе вклучува пикник кај географскиот центар и академија на локалитетот Гортинија.
„Хелиос“, формиран во Ротердам во 2022 година, е посветен на зачувување на македонското културно, јазично и историско наследство и на поврзување на Македонците од дијаспората.



