ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против С.Б. (36) од Струмица, поранешна вработена во мобилен оператор, поради сомнение дека сторила кривично дело „проневера во службата“.
Според пријавата, осомничената во периодот од март до септември 2024 година, додека работела како бизнис агент, свесно и со умисла присвоила осум мобилни уреди кои ѝ биле доверени во рамки на службените обврски.
Таа, како што се наведува, на менаџерот во Гевгелија му прикажувала дека ќе склучи бизнис-договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран, при што мобилните уреди наводно требало да им бидат доделени како субвенција за нови активации и обнови на договори.
Во текот на редовните месечни пописи во продажниот салон во Гевгелија, осомничената, според полицијата, свесно го прикривала недостигот на трговската стока, со што измамата не била веднаш откриена.
Со ваквото постапување, С.Б. му причинила материјална штета на оштетеното правно лице во износ од околу 600.000 денари, по што случајот бил пријавен и процесуиран од надлежните служби.
По целосно документирање на настанот, кривичната пријава е доставена до надлежното обвинителство.


