По пријава од загрижен родител, полицијата синоќа сопрела автобус со скопски регистарски ознаки кој превезувал деца што се враќале од екскурзија, откако било посочено дека возилото неколкупати се расипувало по пат.
Како што информираат од полицијата, во СВР Велес претходно било пријавено од граѓанин чие малолетно дете се наоѓало во автобусот, сопственост на правно лице од Скопје, дека автобусот имал повеќе дефекти за време на патувањето.
Постапувајќи по пријавата, на 8 мај 2026 година во 22:50 часот, полициски службеници од СВР Велес го сопреле автобусот „Сетра“ на наплатната станица „Отовица“, на автопатот Велес–Скопје. Автобусот го управувал А.Ѓ. (43) од Скопје.
Возилото било одземено и пренесено во станица за технички преглед, каде треба да се утврди неговата техничка исправност.
Во меѓувреме, патниците биле безбедно пренесени до крајната дестинација со друг автобус.
Од МВР информираат дека по целосното комплетирање на случајот и по завршувањето на вонредниот технички преглед ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.


