Полицијата од Велес приведе 36-годишен жител на општина Чашка поради сомнение дека предизвикал пожар со палење стрништа.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за лицето Ж.Ј., кој бил лишен од слобода на 15 март околу 15:10 часот.
Тој се сомничи дека истиот ден околу пладне, на локацијата „Оризи“ во атарот на селото Еловец, запалил стрништа на својот имот, по што огнот се проширил и зафатил сува трева на соседна површина.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица, а пожарот се изгаснал сам.
На местото на настанот извршен е увид од страна на екипа на СВР Велес, а за случајот бил известен и јавен обвинител.
По целосно документирање на настанот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.



