Полицијата поднесе кривична пријава против 63-годишен турски државјанин осомничен за криумчарење мигранти, откако бил фатен со седум лица во возило на регионалниот пат Гевгелија – Богданци.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, станува збор за лицето Е.Ч. од Турција, против кое Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија – Гевгелија поднело пријава поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Случајот бил откриен на 10 март, на локацијата позната како „Краварски пат“, кога полициски службеници запреле патничко возило „Фолксваген Тигуан“ со албански регистарски таблички, управувано од осомничениот.
При контролата, во возилото биле пронајдени седум мигранти од Египет, кои нелегално се превезувале низ државата.
Надлежните институции преземаат понатамошни мерки за расчистување на случајот.


